Далај Лама во вторникот објави книга во која нуди „рамка за иднината на Тибет“ и насоки за неговите сонародници во односите со Пекинг по неговата смрт.
Книгата „Глас за оние што немаат глас“ ја опишува долгогодишната борба на Далај Лама за правата на тибетскиот народ и неговите контакти со различни кинески лидери.
„Правото на тибетскиот народ да биде чувар на својата татковина не може да биде бесконечно негирано, ниту пак нивната аспирација за слобода може засекогаш да биде задушена со репресија,“ пишува духовниот лидер во егзил.
Пекинг, кој тврди дека Тибет е неразделен дел од Кина, реагираше на објавата на книгата, истакнувајќи дека Далај Лама „нема право да го претставува тибетскиот народ“.
Кинескиот одговор
Кинеското Министерство за надворешни работи го отфрли Далај Лама како „политички егзилант кој под превезот на религијата води антикинески сепаратистички активности“.
„Реинкарнациите на живите Буди, вклучително и Далај Лама, треба да се придржуваат до националните закони и регулативи, да следат религиозни ритуали и да бидат одобрени од централната влада,“ изјави портпаролката Мао Нинг.
Борбата на Тибет
Во јули, Далај Лама ќе наполни 90 години и е меѓу ретките што се уште се сеќаваат како изгледал Тибет пред неуспешното востание во 1959 година.
Тој тогаш пребегна во Индија, а во книгата ги опишува „упорните напори“ што ги правел повеќе од седум децении за да го заштити својот народ и татковина.
„Тибетанците се борат за слобода веќе речиси 75 години. Оваа борба треба да продолжи и по моето заминување,“ напиша тој во „Вашингтон пост“ пред објавувањето на книгата.
Разговорите меѓу Пекинг и тибетските лидери се во застој од 2010 година, но Далај Лама останува посветен на мирно решение.
„Без разлика на сето страдање и уништување, ние сè уште се надеваме на мирно решавање на нашата борба за слобода и достоинство,“ вели тој.
Иднината на Тибет
Во 2011 година, Далај Лама се повлече од политичкото водство и ја предаде секуларната власт на демократски избраната тибетска влада во егзил, која ја предводи Пенпа Церинг.
Тибетската влада во егзил не бара целосна независност, туку поголема автономија преку „Средниот пат“ – стратегија што Кина ја нарекува „марионетска политика“.
Но, Далај Лама останува цврст во својата порака:
„Една работа е сигурна – ниту еден тоталитарен режим, било да го предводи индивидуалец или партија, не може да трае вечно, бидејќи ги угнетува истите луѓе за кои тврди дека зборува.“