Технологијата и иновациите се моќна алатка за стремење кон одржлива иднина, дополнувајќи ја, но не заменувајќи ја потребата за промена на начните на размислување кои моментално и штетат на нашата животна средина. Иновациите ни овозоможуваат да се прилагодиме на климатските промени и да управуваме одржливо со природните ресурси, истакна Амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман на отварањето на изложбата „Чиста технологија – швајцарски решенија за предизвиците на денешницата“. Изложбата е во соработка со „Пакомак“ и „Макситил“ и е дел од прославата на 30 години од дипломатските односи помеѓу Швајцарија и Северна Македонија.
-Clean Tech Expo покажува како швајцарските стартапи, приватните комании и швајцарската меѓународна соработка придонеле за заштита на природата при создавање на пристојни работни места. Заштитата на животната средина не е само одговорност туку неопходност. Зголемените закани поради климатските промени, деградацијата на животната средина и неодржливите практики влијаат на нашите земји, нашите луѓе, нашиот биодиверзитет и нашиот просперитет. Мора да дејствуваме сега за да ја обезбедиме нашата иднина и иднината на нашите деца. За да бидеме успешни, треба да ги вклучиме и младите луѓе. Ние мора да ги поддржиме денес да стекнат нови вештини и знаења кои се клучни за воспоставување на основата за колективната отпорност. Треба да им овозможиме и да ја водат транзицијата кон зелената економија. Швајцарија во Северна Македонија е посветена да ја поддржи зелената агенда и ние активно работиме со младата генерација- изјави амбасадорката Улман.
Таа истакна дека годинава преку Програмата за вработување, зелените вештини беа инкорпорирани во системот на дуално стручно образование и обука (СОО) и во партнерство со неколку нови национални институции и УНИЦЕФ се воведени 10 нови „зелени“ изборни предмети во наставната програма за средно стручно образование и обука. Овие предмети- почнувајќи од циркулаторната хемија до одржливо земјоделство- се дизајнирани да ги решат најитните еколошки прашања во земјава.
Оваа изложба ги прикажа иновативните решенија во управувањето со отпад, одржливото земјоделство, зачувувањето на природните ресурси и примена на принципи на циркуларна економија во управувањето со водите.
Некои од овие решенија се од приватниот сектор на Швајцарија, додека други доаѓаат од швајцарската програма за соработка со Северна Македонија.
-Во текот на последиве години, предупредувањата на климатолозите стануваат се поцрвени, а скептицизмот на глобалната популација исчезна, бидејќи последиците од климатските промени ги доживуваме од прва рака во нашите неподносливи лета. Овие настани го изнесоа на виделина фактот дека климатските промени несразмерно блијаат на најранливите во нашата заедница- лицата со попреченост, Ромите, жените и девојчињата, младите…Социјалните работници и целата област не можеа повеќе да играат ниска улога. Инспирирана од еколошката правда, социјалната правда мораше да стане зелена- вели Мухамед Велиу од Центарот за Младиски Активизам Крик.