Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчовска, ден по Скопје прајд за Трн го изнесе својот став во врска нејзината поддршка кон маршот и кон она што значи почпитување на различностите.
„Парадата на гордоста во Скопје или Скопје Прајд за мене пред се како човек кој ја подржува еднаквоста и недискриминацијата 30-тина години наназад е веќе традиција. Од првата Парада на гордоста во Скопје и се до она вчера. Излегувам и учествувам на маршот за да ја дадам мојата силна поддршка на почитувањето на основните човекови права. Секоја индивидуа во општеството е различна. Различноста не треба да е основ на дискриминација, туку таа треба да не обединува. Едно општество за сите е токму тоа! Почитување на секоја различност и овозможување секој поединец да ужива во своите човекови права.
Вредностите кои ме водат во животот се еднаквост, праведност и солидарност. Ширењето на љубов наместо омраза, поддршка наместо стигматизација, прифаќање на различностите наместо дискриминација и говор на омраза.
Од огромна важност е секој настан кој ги прави видливи оние кои во секојдневното општествено живеење се на било каков начин дискриминирани и подложни на говор на омраза. Јас лично ја искажав мојата поддршка затоа што секој во нашата држава ја заслужува можноста да ја изрази својата посебност.
Само преку позитивен наратив и креирање на општествено мислење што значи целосно прифаќање на различностите општеството може да движи напред. Знам дека секогаш ќе има различно мислење и ставови, меѓутоа практикувањето на искажување на своите мисли никогаш не смееме да дозволиме да премине во практикување на говорот на омраза како лично мислење сокриено под моментот слобода на говор“. – посочи министерката за Трн.
Вчера под паролата „Гласни и горди“ сите заедно покажавме дека љубовта е таа која треба да се поддржи а не омразата и дискриминацијата .