Трн: Можеш ли да ни кажеш за твоето патување и што те инспирираше да станеш активист за човекови права?
Џабир: Пораснав во семејство во кое правдата, правичноста и почитувањето на различностите беа највисоки вредности. Потекнувам од мешано семејство со албанско, турско и хрватско потекло, така што многу рано ги согледав последиците од поделбите и дискриминацијата.
Понатаму во животот, неправдите и дискриминацијата ми станаа главен фокус во сè што правев, почнувајќи од средното училиште, студиите по филозофија, па сè до раните новинарски денови кога се зафатив со социјални теми и екологија, па потоа и со човековите права и слободи.
Војните низ поранешна Југославија, бегалците, страдањата на цивилите – сето тоа ми даде поттик да застанам на страната на послабите. Да бидам солидарен и сочувствителен со несреќата на другите. Бидејќи знаев, не постои туѓа несреќа – секоја несреќа е и моја, наша, општочовечка.
Тоа се однесува и на прашањата на родовата еднаквост, социјалната и еколошката правда, како и заложба за правата на општествените групи кои се дискриминирани, маргинализирани и стигматизирани, како што се ЛГБТИ+ заедниците. Едноставно, откако знам за себе, бев инспириран, а често и принуден да ги бранам човековите права и слободи. Член сум на повеќе меѓународни организации, вклучувајќи ги и Амнести Интернешнл и глобалната коалиција Контрола на оружјето во чии основи се вградени човековите права и слободи. Некако природно дојде, паралелно со мојата работа како новинар, да го формиравме ЦИВИЛ во 1999, заедно со група независни интелектуалки и интелектуалци. Тоа е, накратко.
Трн: Кои се најголемите предизвици со кои си се соочил во твојата работа, и како си ги надминал?
Џабир: Долга е листата со предизвици. Дефинитивно, најголемиот предизвик е да се истрае во борбата и тогаш кога сè изгледа безнадежно. Тоа во изминатите децении се случило многу пати. Мојата работа е поврзана со луѓе, со нивните судбини, страдања, и сништа. Дали тоа биле ужасните војни како што се оние во екс-Југославија, воениот конфликт кај нас во 2001-та, сите бегалци и раселени, масакрите и деструкцијата, бегалците од Босна, Косово, Сирија, Украина… Или тешкиот живот на лицата со посебни потреби, сиромашните, дискриминираните, неправедно прогонуваните… Жртвите на авторитарните режими, како кај нас, така и во соседството и низ светот – сето тоа остава печат и наплаќа, ако може така да се изразам, данок во солзи и грч. Затоа, не можам да издвојам некој посебен предизвик, бидејќи се многу, но главно е тоа – да се издржи, да држи главата исправено и да се продолжи со борбата.
Трн: Како твоето искуство како член и претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода ги обликува твоите ставови за човековите права и правдата?
Џабир: ЦИВИЛ е место во кое секојдневно се разменуваат сознанија, информации и стории за судбините на луѓето. Истовремено, тоа е место каде што разменуваме мисли, ставови, па и емоции за настаните и луѓето. Јас секој ден учам и секој ден споделувам тоа што го знам и мислам со моите колешки и колеги. Имав голема привилегија сите овие години да бидам во постојан контакт со многу луѓе, навистина не им го знам бројот, но сигурно се илјадници, од нашата земја, од регионот и од секој агол на светот. Работата во организацијата и во медиумската средба, но и средбите со луѓето надвор од организацијата и редакцијата, ми носат богатство од сознанија, информации и анализи. Сето тоа ми помага да ги обликувам своите ставови и да градам концепти, и ми дава енергија да учествувам во реализација на нашите заеднички планови и стратегии.
Трн: Што те мотивира да ја продолжиш твојата работа и покрај заканите и предизвиците со кои си се соочил?
Џабир: Ме мотивира идејата за тоа дека на крајот победува правдата и човечката потреба за слобода.
Искрено, убеден сум дека најголем дел од луѓето само сакаат да живеат нормален и пристоен живот, а се втурнати во насилнички толпи затоа што некој им всадил стравови што потоа предизвикуваат омраза и насилство. Стравови за нивниот опстанок, чест и достоинство, стравови за животот и имотот, за опстанокот на нивната култура, идентитет, јазик и земјата што ја сакаат.
Трн: Можеш ли да споделиш некој запаметен момент од твојата кариера кој се издвојува за тебе?
Џабир: Тешко ми е да издвојам, но ќе се обидам, еве од минатите две-три години. Ми беше голема чест, во 2023, да го добијам Орденот за заслуги од Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за мојата успешна борба против руската воена пропаганда. Во 2024 година јас сум единствениот добитник на Наградата за солидарност за новинари од Југоисточна Европа, што ми ја додели големата германска Асоцијација за Југоисточна Европа. Автор сум на повеќе книги и секоја промоција ми значи многу. И многу се радувам кога некое училиште или факултет ќе ме покани да зборувам пред деца и млади. Едно такво искуство беше пред Нова година кога бев поканет да зборувам за опасностите од петарди во ОУ „Песталоци“. Можеби од аспект на кариера, тоа изгледа како нешто помалку значајно отколку меѓународните признанија, но тие моменти за мене се прекрасни и супер важни.

Трн: Како ја гледаш сегашната состојба на човековите права во Северна Македонија, и кои се твоите главни грижи?
Џабир: Веќе сега е очигледно дека човековите права и слободи се под силна закана. Ние веќе се соочуваме со постепено ограничување, а нè очекува и сè позабрзано и флагрантно газење на човековите права и слободи како на индивидуално, така и на ниво на заедници, а секако и на ниво на целото општество.
Социјалната правда, како една од најважните области на човековите права и слободи, правото на образование, на здравствена заштита, на правично судење – веќе сега се гледа дека ќе бидат силно предизвикани од политиките и практиките на власта.
Дискриминацијата по етничка и верска основа се најдобрите алатки во рацете на една авторитарна власт да ја одржува и да ја зголемува својата моќ, преку сеење страв и недоверба, а потоа покажување мускули и играње улога на „заштитник и спасител“. Оваа област – меѓуетничките и меѓуверските односи – ќе биде изговор за сите неуспеси на план на социјалните прашања и благосостојба на граѓанките и граѓаните.
Понатаму, имајќи предвид со какви конзерви си имаме работа, ќе видиме продлабочено маргинализирање на повеќе општествени групи. Исто така, родовата нееднаквост ќе се зголеми, а на сметка на тоа ќе се промовираат лажни вредности поврзани со лажна грижа за семејството, според принципите на верските догми напуштени во нормалниот свет веќе со векови.
Изолационизмот, растечката сиромаштија и тензиите во повеќе области ќе придонесат кон општа дестабилизација на земјата. Во такви услови, почитувањето на основните човекови права и слободи ќе стане далечен сон.
И пази, сево ова е само брз поглед на нештата. Да не зборувам за слободата на говор и медиумските слободи, владеењето на правото, безбедноста и сигурноста итн.
Трн: Каква улога мислиш дека играат организациите на граѓанското општество во промовирањето на човековите права и демократијата?
Џабир: Никаква. За жал, поголем дел од граѓанското општество западна во една удобна летаргија на „неутралноста“, со мало или никакво внимание и грижа за конституентите, резервираност кон главните општествено-политички процеси, и молк за големите предизвици пред кои е исправена демократијата.
Трн: Како успеваш да ги балансираш твоите професионални одговорности со твојот личен живот?
Џабир: Види, можеби изгледа невозможно, но мене ми успева да одвојам дури и повеќе време за мојата ќерка отколку што таа има време за мене. Со други зборови, без оглед на тоа колку сум зафатен, јас сум секогаш на располагање за моите најблиски. Малку спијам, така што, ако имам нешто да завршам, го правам тоа кога сите останати спијат. Добро, морам да признам, од ковидот наваму мојот социјален живот (кафана, клубови, кино, театар) е сведен на минимум, да не речам нула.
Трн: Кој совет би им го дал на младите луѓе кои се страствени за човековите права и сакаат да направат разлика?
Џабир: Никогаш не се откажувај. Ти си важен. Ако ти се откажеш, нема кој друг да те замени.

Трн: Гледајќи напред, кои се твоите цели и аспирации за иднината на ЦИВИЛ и човековите права во Македонија?
Џабир: Се наоѓаме во период кога на тест ќе бидат ставени нашата истрајност и посветеност. Формулиравме и усвоивме стратегија токму во деновите пред да ја одбележиме 25-годишнината од постоењето на ЦИВИЛ и ја организиравме големата меѓународна конференција „Одбрана на демократијата и човековите права“.
Нашата конференција резултира со почеток на глобална иницијатива што почнува токму од Скопје. Стратегијата што ја усвоивме, меѓу другото, се насочува кон зајакнување на нашите позиции и капацитети во борбата за демократија и човекови права во нашата земја, но и во регионот на Западен Балкан и пошироко, на глобален план. Ќе продолжиме со поддршка на украинскиот народ за слобода и праведен мир. Исто така, според стратегијата, ЦИВИЛ ќе работи на тоа да прерасне во регионален центар за борба против хибридните воени тактики. Знам дека можеме. И ќе го направиме тоа.