Професорот д-р Јане Ацевски , раководител на Катедрата за Ботаника и Дендрологија при УКИМ Шумарски факултет Скопје, објави јавен повик со кој ја замолува јавноста да го информираат на неговиот mail jane.acevski@live.com или во пораки на FB со тоа што ќе го информираат доколку знаат за некои стари стебла од сите видови природно застапени кај нас.

Тој апелира да направат неколку фотографии од стеблото (хабитус), деблото, лист, плод или некои други морфолошки карактеристики. Потоа во описот тој замолува да му ги пратат ГИС кординатите, локалитетот, селото, општината или било која друга информација за местоположбата. Добредојдени се и податоци за традиции, легенди, верувања, обичаии или други културно-историски податоци. Како што вели тој, најчесто овие стебла се во близина на религиозни објекти (цркви манастири, џамии, гробишта), во центарот на селата или градовите. Овие податоци на професорот му се потребни да направи „Каталог на стари стебла во Македонија“. Сите податоци кои ќе ги добие ќе бидат стручно и научно проверени на лице место.

За само еден ден на фб статусот на професорот стигнаа многубројни коментари со информации за стари стебла, што укажува на фактот дека нашата земја е навистина богата со стари стебла и заради тоа тој вели дека од сето ова ќе произлезе едно значајно дело за големата природна и културно-историска вредност на македонската дендрофлора.