Весна Мојсова Чепишевска е професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, истражувач, раскажувач и промотор на македонскиот јазик, литература и култура. Автор е на неколку книги и рецензии, вечен и неуморен трагач по книжевната мисла и инспирација на многу млади книжевници. Со Весна разговаравме за нејзината инспирација која лежи во творештвото на Петре М. Андреевски, Коста Солев Рацин и Блаже Конески, нејзиното лично свето тројство на кое вели почива македонската книжевност и македонскиот јазик. Зборувавме за македонскиот јазик и за неговите граници кои Весна ги поистоветува со границите на светот. Татковината, вели таа е секаде каде што е македонскиот јазик. И најпосле зборуваме за романот на Мира Фурлан „Сакај ме повеќе од сè на светот“ чија рецензија ја пишува со огромна страст, но и за жените во македонската книжевност за кои е пишувано повеќе како инспирација, како онаа Раца на Кочо, како Дениција што му била на Петре, отколку за нивниот личен успех на полето на македонската книжевност. Зборувавме и за тоа како да се извадат од заборав сите тие силни македонски жени од 19- тиот. и особено во 20- тиот век (учителки, новинарки, авторки…), кои за жал, сè уште се во сенка заради своите мажи или воопшто заради големите машки имиња во македонската книжевна историја… Интервјуто со Весна е патување низ македонскиот јазик, македонската книжевност, поезија. Патување низ убавиот збор.
Трн: Весна, ве знаеме како промотор на македонскиот јазик, на делата на Конески, Рацин, Петре М. Андреевски, како автор на книги и рецензии, како професорка на Филолошкиот факултет и вечен трагач по книжевната мисла, како инспирација на многу млади книжевници и читатели. Која е Весна Мојсова Чепишевска интимно?
Весна: Очигледно, на ова прашање подобро и поавтентично можат да одговорат оние кои ме познаваат интимно. Јас делувам доста модерно, но длабоко во душа сум исклучително традиционална. Ништо не ми е битно ако дома не ми е добро, ако моите најблиски не ми се задоволни. Зашто само така сум исклучително задоволна и среќна. И своја! Зашто кога излегувам од дома, кога ја затворам влезната врата од станот и одам на работа, на пат, конференција, трчам на некоја промоција, настан, концерт, мора зад таа врата да оставам спокојна атмосфера, и да оставам љубов. Зашто кога повторно ќе ја отворам, посакувам да ме плисне и да ми даде неверојатно задоволство. И спокој! Да ме плисне како мирисот на море во кој се чувствува и јодот и ситниот песок, и сонцето и солта… И оваа асоцијација ми е и од моето пекање за Егејското Море. И како што Константин Миладинов во својата песна „Т’га за југ“ пека по Охрид и Струга, но и по Стамбол и Кукуш, така и јас си ја носам таа далечна слика како дел од мојот код, од мојата ДНК… сликата на Егејот. Но, не се откажувам ни од своите патувања, професионални и семејни, ни од своите саати поминати со книги, поминати пред компјутерот пишувајќи и пишувајќи, од своите дружби со пријатели, колеги, од коцерти, настани. Исто толку силна сум и кога на своите часови им го предавам своето знаење на студентите, на семинаристите, кога разговарам со своите, домашните, но и со странските македонисти. И сум многу насмеана. А не секогаш ми било за насмевка. Ама…
Трн: Потекнувате од семејство на силни жени кои поместуваат граници. Вашата мајка, Вашата сестра Маја Мојсова Мијовска, Вашата ќерка Сара. Оставате големо наследство и тестамент на вашите две внуки …
Весна: Мајка ми Љубица Мојсова е второто, помалото дете на Милица и Гроздан Ивановски. Својот работен век го поминува како исклучителен банкарски работник со силен сенс за финансиско работење. И имам кажано: Да се родеше многу години подоцна, со таквиот потенцијал сигурно ќе беше финансова директорка или популарно кажано менаџерка. Значи од неа ја наследивме особината да се инвестира, но не во смисла на она материјално инвестирање (градење куќи, вили и билдање фирми), туку инвестирање во своето знаење и во своето покажување љубов. Така што, сите ние, сè уште инвестираме во своето знаење, во тоа да научиме што подобро да живееме, да сакаме, но и да бидеме секогаш на врвот на својата професија. Интересно е, дека сите имаме свое поле на професионализам. За мајка ми, како што кажав, тоа е економијата и особено банкарството. Јас сум целосно потопена во филологијата и целосно предадена на полето на македонскиот јазик, литература и култура. Сестра ми Маја е врвна во медицината како анестезиолог, но и како национален координатор за трансплантација. Сара на полето на логопедијата има помага на голем број деца со разни аутистични спектри да почнат да зборуваат. Илина и Дарија го започнуваат својот од кон светот на возрасните како ученички во ОУ „Браќа Миладиновци“, едната како третоодделенка, а другата како првоодделенка. А, мама Сара редовно, сè уште ги испраќа на спиење со прочитан дел, со фрагмент од некоја книга. И на тој начин им ја всадува и основната наша карактеристика – секојдневно да се инвестира во своето Јас. Илина и Дарија, редовно се дел од нашите успеси, па така со радост доаѓаат на моите настани на кои се промовираат книги за деца, ама одат и на концертите на кои како придружен вокал пее и нивниот дедо Стево.
Петре М Андреевски, Рацин и Конески се мое лично свето тројство на кое лежи македонската книжевност и македонскиот јазик
Трн: Вашите истражувања и голем дел од Вашето творештво се врзани со великаните на македонската книжевност. Петре М Андреевски, Коста Солев Рацин и Блаже Конески кого го обработувате во вашата последна книга „Конески како тестамент“. Дали во нивните дела лежи основата и битието на македонската книжевност и македонскиот јазик?
Весна: Кочо Рацин го исчитував во мојот магистерски труд, а Петре М. Андреевски ми беше предизвик како докторска теза. Од тие истражувања излегоа исклучителни студии т.е. книгите „Рацин и експресионизмот“ и „Лицето на зборовите“. Ме водеше едно силно чувство дека на Блаже Конески треба да му се посветам посериозно и да оставам книга за него. Јас постојано, во текот на својот академски живот, го читав, истражував, пишував, ама не успеав да го систематизирам и да го обмислам како книга. Сè до таа 2021 кога се навршија точно 100 години од неговото раѓање и кога се нафатив на тој предизвик. И всушност на нив тројцата гледам како на едно (мое, лично) свето тројство на кое лежи македонската книжевност и македонскиот јазик.
Трн: „Конески како тестамент“ е ваше последно дело, своевиден омаж на делото на великанот на македонскиот јазик и книжевност. Што е Конески за вас?
Весна: Еве вака, наједноставно. Конески е мојот најголем пријател. Со Конески си пијам кафе како што се пие кафе со својот татко. Зашто го сакам кафе муабетот. Што и да сакам како тема да истражувам, што и да помислам како предизвик да напишам, го земам Конески, ги отворам неговите книги и го започнувам муабетот. Дури и обратно, кога сакам да напишам, посакувам да истражам за нешто ново, за нешто што дотогаш не сум пишувала, повторно го земам Конески и еве ми ја инспирацијата од неговите трудови, во неговите истражувања.Зашто со татко не зборувате само со повод, туку секојдневно…
Преку македонскиот јазик, македонските поети можат да ги покажат сите нијанси на своите емоции
Трн: Кога зборуваме за Конески, за Шопов, за Рацин, зборуваме и за поезијата која некако најубаво и најмоќно звучи напишана на македонски јазик. Поезијата на овие великани која ја раскажува интимната љубовна приказна, но и приказната за јазикот и за тоа како се сака татковината. Како вие ја доживувате нивната поезија?
Весна: Очигледно тоа го покажувам и преку страста со која постојано снимам мали видео записи на кои читам нивни стихови… и не само нивни! Стихови од македонски поети! И ги објавувам. Впрочем секогаш ме пленело убавото читање, правилниот говор, јасната дикција, нешто што сум го научила додека сум била дел од Детското драмско студио (порано познато како Детска радио драма) на Македонското радио. И за чувствувањето на македонската песна и за нејзината интерпретација сум ѝ неизмерно благодарна на Софија Гогова-Врчаковска која како раководител на ова студио ми ги покажа сите тајни на правилното зборување и говорење поезија, на магијата на радискиот микрофон, на возбудата пред телевизиската камера. А тие песни најмоќно звучат на македонски зашто токму на тој јазик македонските поети чувствуваат дека можат да ги покажат сите нијанси на своите емоции, сите финеси на своите приказни. А и јас најсилно можам да ги почувствувам кога ги читам, кога ги слушам на македонски.
Трн: Во едно ваше интервју ќе кажете „границите на мојот јазик се поистоветуваат со границите на светот“. Кои се границите на македонскиот јазик?
Весна: Ниеден јазик не треба да има граници. А многу сакаме да ја кажуваме онаа мисла на Конески дека токму македонскиот јазик е нашата целосна татковина. А таа татковина не е само во овие државни граници (од Куманово до Гевгелија, и од Крива Паланка и Струмица до Тетово и Охрид). Татковината е секаде каде што македонскиот јазик се зборува меѓу Македонците кои живеат во соседните држави, но и на сите меридијани по светот, во секое семејство каде и да е, во семејствата и меѓу пријателите, на празнична, но и на секојдневна трпеза, на кафе муабет и на пијачка, во секоја институција, на секоја манифестација, овде во Македонија и надвор, ширум светот. Таа татковина е и овде и сега во ова наше интервју. А како опстојал тој македонски јазик сѐ до неговото стандардизирање во 1945 ако тој не живеел во сите овие сфери? Токму во тој контекст ја употребив оваа мисла за границите на мојот јазик кои се поистоветуваат со границите на светот.
Трн: Како ја раскажувате или како се раскажува македонската приказна во светот?
Весна: Без патетика и со факти. Тргнувајќи од моето лично искуство, јас на сите конференции на кои земам учество како професор од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во приказните, во истражувањата на одредени општи теми (европски и светски), во посочувањата на глобални проблеми ја нудам и македонската литература и култура. Моите истражувања се скоро секогаш споредбени и така ненаметливо им ја пласирам и мојата литература и култура, но и македонската книжевна наука. Се трудам преку она што најдобро знам да го правам, да ја раскажам и мојата приказна т.е. да прозборам и да побарам место и за мојата книжевна наука и воопшто за македонската книжевна наука.
Тешко е во овој сè уште силно машки свет да ви се случи некој кој ќе Ве сака повеќе од сè на светот
Трн: Ја читав вашата извонредна рецензија за биографијата на Мира Фурлан „Сакај ме повеќе од сè на светот“. Жените секогаш биле моќна фигура во книжевноста и како инспирација, но и како творци на книжевни дела…Кои жени би ги издвоиле како ваша инспирација, книжевна и животна?
Весна: Таа книга емотивно и ме наполни, но и ме исцрпи! Со страст ја читав, со уште поголема страст пишував за неа. И тоа беше една кафе муабетење. Со Мира Фурлан и со самата себе. А, тешко е во овој сè уште силно машки свет да ви се случи некој кој ќе Ве сака повеќе од сè на светот. Така што, кога си прелистувам низ мојава глава, сфаќам дека повеќе е пишувано за жената како инспирација, како поттик, како онаа Раца што му била на Кочо, како онаа Дениција што му била на Петре, отколку за жената и нејзиниот личен успех на полето на македонската книжевност. И некако би сакала моите животни инспирации да ми се ставаат во дијалог со оние на големите успеси на мажите хахаха… Сепак, морам да бидам искрена од перспектива на македонската книжевност, на македонската книжевна и културна сцена тоа, секако, е Оливера Николова, иако се воодушевувам и на писмото на Исидора Секулиќ, Дубравка Угрешиќ, Ведрана Рудан… Ама треба и ние да направиме посериозни истражувања и од заборав да ги извадиме тие силни македонски жени кои ги имаме уште во 19. и особено во 20. век (како учителки, новинарки, авторки…), но, за жал, сè уште се во сенка заради своите мажи или воопшто заради големите машки имиња во македонската книжевна историја.
Трн: Работите како професор на Филошкиот факултет во Скопје. Колку ве инспира работата со студенти?
Весна: Многу! Најсвоја се чувствувам на самите часови. Имам впечаток, дека, и после 35 години работа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, јас сè уште предавам со сета страст како и првиот ден. Можеби сега и пострастно, зашто го имам големиот багаж на знаење, но и богатото животно и професионално искуство. Или да си кажам дека воопшто не се штедам на самите часови. А предизвик е фактот дека секоја година јас сум сè повозрасна, а тие, моите студенти, сè помлади. И нашата разлика се зголемува, мислам на разликата меѓу моите и нивните години, ама тоа ме подмладува. Тие ме полнат со нивната енергија и со нивните свежи промислувања. Ми даваат можност за една нова визура во исчитувањето на литературата и културата. Од нивна гледна точка. Ми дозволуваат низ нивната призма и преку нивните сфаќања одново и одново да ги исчитувам книгите.
Трн: Можете ли да ни издвоите неколку книги на кои постојано се враќате?
Весна: Секоја година исчитувам т.е. препрочитувам добар дел од македонските автори. Подготвувајќи се за часовите ми треба и освежување со препрочитување на одредени книги. Сега токму за наредниве часови ги препрочитувам „Чернодрински се враќа дома“ од Горан Стефановски и „Буре барут“ од Дејан Дуковски. Претходно препрочитував раскази од Јаневски, Андреевски, Чинго, Урошевиќ… А за часовите по предметот Книжевност за деца, ги препрочитував „Девојчето и 12 месеци“ од Цепенков, „Касни – порасни“ од Андреевски, „Шеќерната приказна“ од Јаневски…
Трн: Кои се вашите проекти за 2024 година? Каде ќе ја носите приказната за македонскиот јазик и македонскиот збор?
Весна: Многу планови се пред мене. Некако, имам чувство дека треба да се засили приказната за македонскиот јазик и македонскиот збор во регионот. Треба да се изнаоѓаат начини како македонскиот јазик преку клучни македонски приказни ќе си го пробие патот во соседните држави. Сакам да има повеќе настани во кои ние одовде, од Македонија ќе им подадеме раце на сите наши луѓе во Албанија, Грција, Бугарија, Србија и Косово. Работам и на една антологија на македонската љубовна поезија, па и на нова книга… Ама, и јас како пеачине, да не откривам премногу детали додека не излезе новата песна… хахаха…