Во време кога злоупотребата на супстанции станува сè почеста – особено меѓу младите – потребно е отворено да се зборува за зависноста како реален и сложен општествен проблем. Во ова интервју со д-р Славе Тошевски, специјалист по психијатрија, разговараме за најчестите психоактивни супстанции во Македонија, ризиците од фентанил, недостигот од институционален одговор и зошто стигмата ја влошува ситуацијата наместо да помогне.
Ова не е само разговор за дрога туку повик за системска промена, едукација и хуман однос кон луѓето што се борат со зависност.

Трн: Кои се најчесто користените и злоупотребувани супстанции денес — кај младите, но и генерално во популацијата?
Д-р. Славе: Во земјава, најчесто злоупотребувани супстанции се бензодиазепините, канабисот и некои од стимулансите — особено меѓу младата популација.Бензодиазепините се лекови кои се препишуваат за анксиозност — како диазепам, хелекс, лексилиум, празепам, бромазепам итн. Канабисот е познат како марихуана, а стимулансите се кокаин, амфетамин, спид и слично.
Трн: Се почесто се спомeнува и фентанилот како супстанција што станува сè поголем ризик?
Д-р. Славе: Фентанилот е сериозен проблем денес, особено на Запад. Америка е силно погодена од кризата со фентанил. За среќа, во Европа сè уште не се соочуваме со таква епидемија, истото важи и за Балканот.
Сепак, не можеме да знаеме кога би нè погодила таа супстанца. Фентанилот е екстремно потентна психоактивна супстанца со многу висок ризик од предозирање и смртност. Тоа е уште еден сериозен предизвик за корисниците на психоактивни супстанции.

Трн: Кога зборуваме за младите, од која возраст почнува употребата и кои супстанции се најчести?
Д-р. Славе: Најризичниот период е адолесценцијата. Горна возраст нема — бензодиазепините често се злоупотребуваат и од постарата популација. Но, младите се особено ранлива група, бидејќи нивниот мозок е во развој. Изложеноста на психоактивни супстанции во тој период носи полоши прогнози, потешкотии во третманот и поголем ризик за развој на зависност.
Трн: Колку е важно раното препознавање на проблематичната употреба, и како може да реагира околината — родителите, наставниците, општеството?
Д-р. Славе: Екстремно важно. Зависничкото однесување кај малолетниците треба навремено да се препознае. Тоа е обврска на родителите, наставниците, и медицинскиот кадар. Моментално во Македонија немаме официјален протокол за превенција на злоупотреба на психоактивни супстанции, но позитивна вест е што се работи на негово креирање и имплементирање во основните и средните училишта.

Трн: Има ли доволно информации и образовни ресурси за младите да се едуцираат за ризиците?
Д-р. Славе: Не, нема доволно. Нема национална стратегија за превенција, а официјалната едукација е ограничена. Иако има информации на интернет, формалното образование и родителската улога не се доволно активни. Потребен е континуитет во образованието, не е доволно еднаш да се зборува за тоа.
Трн: Колку е важна координацијата меѓу здравствените установи, психијатрите, социјалните служби и невладините организации?
Д-р. Славе: Многу е важна. Порано зависноста се гледала како индивидуален проблем, но сега се препознава како општествен. Кога системите не се координирани, лицата со зависности се соочуваат со лавиринти — стигма при барање работа, комплициран пристап до социјална и здравствена помош. Функционален стил на живот е клучен во рехабилитацијата, а за тоа треба системска поддршка.
Трн: Кои се најголемите предизвици за пациентите кои бараат помош?
Д-р. Славе: Најголем предизвик е воспоставување функционален стил на живот. Имаат проблеми со вработување, пристап до лекари. На пример, пациентите на метадонска терапија се срамат да го кажат тоа на лекарите, а метадонот е контраиндициран со анестезија. Тоа доведува до одложени операции и непотребно страдање. Понатаму, имаат проблем со добивање основна медицинска грижа — прегледи, завои, стерилни материјали…

Трн: Колку стигмата го спречува процесот на лекување?
Д-р. Славе: Многу. Стигмата е една од главните причини зошто луѓето бараат помош доцна — кога состојбата е веќе влошена. Дополнително, лицата со зависност често не веруваат во сопствената вредност, се идентификуваат само како „зависници“ и се изолираат. Затоа е клучно да се развијат национални стратегии за борба со стигма, психоедукација и обука на медицинскиот кадар да ги третира овие пациенти еднакво.
Трн: Дали мислиш дека јавните политики доволно ја адресираат оваа проблематика? Што би требало да се промени?
Д-р. Славе: Мислам дека не. Би било добро да усвоиме модели што функционираат во други земји.
Португалија, Чешка, а и САД во поново време се примери каде што зависниците не се казнуваат туку се третираат. Регулативите се насочени кон казнување на дилерите, не на корисниците. Таквиот пристап значително го намалува ризикот од предозирање, особено по излегување од затвор.
Трн: И за крај, колку е важно одбележувањето на Светскиот ден на свеста за предозирање?
Д-р. Славе: Овој ден може да биде добар потсетник, но не е доволен. Подигнувањето на свеста треба да биде секојдневна работа. Ако дојдеме барем до едно лице, тоа веќе е напредок.