Повеќе од 50 музички артисти, 100 уметници и креативци и илјадници млади од 30 јуни до 2 јули се собираат традиционално за фестивалска авантура наречена Д-фест. 50 импресивни музички артисти кои ги предводат Meduza, Sigala, Indira Paganotto, Onyx, Kreator, Џајковски, Roni Size, Фолтин, Smut, 1000mods, Smoke Mardeljano, Strajk, LD Pistolero и многу други ќе ги забавуваат присутните гости со квалитетна музика и добра журка, која ја ветуваат организаторите на фестивалот. Д фест е во организација на Пасворд продукција и веќе 12 години по ред е магнет за стотици интернационални, регионални и локални артисти.

Покрај музиката, Д фест годинава ќе понуди и различни видови активности. Музиката е само дел од програмата на Д Фестивал, а речиси уште толку поединци пак ни пристигнуваат како учесници во дополнителната програма во т.н. Плоштарт зона која во својот мултимедијален формат во различни програмски катчиња собира бројни уметници, автори, креативци, здруженија, активисти и експерти од различни области. Тоа значи повеќе од 350 поединци учествуваат како носители на целосната програма на Д Фестивал.

Посетителите ќе можат да бидат дел од работилници за различностите во соработка со ЦИД, бројни интерактивни игри со општествен предзнак, стенд ап шоу со Жарко Јовановиќ, Гоблин со голем дел од нивните друштвени игри, Арт бутикот каде домашните креативци ги промовираат и продаваат своите уникатни уметнички дела. За најмалите ќе има концерт на фестивалот Поточиња, а за сите посетители ќе има и бесплатен превентивен преглед.
Поразговаравме со Катерина Евго која е дел од овој фестивал околу селекцијата на музичките имиња, околу општествениот импакт кој овој фестивал го има врз младата популација, како овој фестивал влијае на кариерите на младите музичари како платформа за нивните кариери.
Трн: На кој начин се прави избор при креирање програма на фестивалот? Дали им се дава можност на нови имиња?
Катерина: Музичката програма на Д Фестивал важно ни е пред сѐ да сочинува квалитетни изведувачи чија музика има влијание во развојот на сцената која ја претставуваат. Квалитетот тука е во општиот контекст на значењето кое изведувачите го имаат за развојот на сцената, но субјективно и во нашата наклонетост кон алтернативната сцена и ангажираната уметност. Во креирањето на програмата се внимава и на ексклузивноста во смисла на фокусот кон музички изведувачи кои досега не настапиле кај нас, а во тој контекст важна ни е и разновидноста преку претставување на ралични жанрови и различни генерации, затоа и имаме повеќе различни бини, секоја со посебен програмски концепт. Голема улога игра и спојот на домашни, регионални и меѓународни уметници, како и комбинацијата на големи музички ѕвезди и нови таленти. Големите светски ѕвезди разбирливо ја предводат програмата, но сепак најголемиот дел или повеќе од 60% од програмата е отстапен на домашната музичка сцена. Имено, програмата на Д Фестивал е толку обемна што по дванаесет одржани изданија, речиси сите клучни имиња кои се активни на домашната и регионалната алтернативна музичката сцена веќе било дел од Д Фестивал.

Трн: Што е ново годинава во однос на минатите години?
Катерина: Пред сѐ нова програма, голем дел од изведувачите гостуваат премиерно или со посебен концерт одбележувајќи јубилеј или претставувајќи нов материјал. Новина годинава е и Electronic Beats Stage, бината која во партнерство со европската платформа за промоција на клупската музика носи нови стандарди во фестивалското доживување, со акцент на електронската музика. Посебен куриозитет на Главната бина годинава е претставувањето на музичкиот проект „Македонисимо“ предводен од маестро Симон Трпчески, кој ќе се одржува со бесплатен влез за сите посетители. Во рамки на Плоштарт зоната имаме повеќе од 10 нови програмски катчиња со возбудливи сегменти наменети да го збогатат комплетното доживување на посетителите, нови интерактивни содржини и уметнички инсталации низ фестивалскиот простор, но и нови еколошки иницијативи и програми за рециклирање.
Трн: Како присуството на фестивалот влијае на социјалните интеракции и односите на младите во општеството? Кои се потенцијалните позитивни ефекти на музичкиот фестивал врз емоционалната состојба и менталното здравје на младите во општеството?
Катерина: Присуството на музичките фестивали влијае клучно врз социјалната интеракција на младите, создавањето на чувство на припадност. Тие се место на кое се споделуваат заеднички интереси, место кое во една своевидна заедница спојува луѓе од различни профили, различни афинитети од аспект на жанровите, а секој музички правец носи свои стил, свои вредности, потоа различни генерации и различни општествени средини…

Фестивалите ја слават индивидуалноста и самоизразувањето што е клучно за развој на личниот идентитет, а воедно изложеноста на оваа симбиоза на различности е дел од промоцијата на културното разбирање и поттик за поинклузивно и потолерантно општество. И секако дека функционираат и како платформа за поврзување во нови пријателства и создавање на заеднички спомени, бидејќи се дел од малкуте места на кои денеска луѓето можат да се запознаат, а тоа да не е преку социјалните мрежи. Ова е средина за сите кои веруваат во мирот, слободата и заедништвото, вредности кои е суштествено важно да се приближат до младината и до што повеќе луѓе воопшто.
Трн: Колку се води сметка за достапноста на билетите за овој музички фестивал за младите од различни социо-економски средини?
Катерина: Апсолутно тоа еден од главните стремежи и предизвици на Д Фестивал, насочени кон една цел, културата, уметноста и позитивните вредности да ги донесеме до што поголем број млади кај нас кои секако немаат многу прилики за вакво искуство. Дел од тоа се и различни промотивни продажни акции кои ги спроведуваме во тек на целата година. Доволно е само да се каже најповолната почетна цена: 1100 денари за влезница која важи за сите три дена и за повеќе од 50 концерти во музичката програма. Звучи нереално, а Д Фестивал веројатно предводи и како настан со најдостапни цени на влезниците кај нас, а несомнено водиме на ова поле во споредба со ваквите настани во регионот и Европа.

Трн: Како комерцијализацијата на музичките фестивали влијае на вредностите и приоритетите на младите во општеството?
Катерина: Изминатите години расте популарноста на музичките фестивали на глобално ниво, но сепак локално владее малку поинаков феномен во однос на комерцијализацијата и тука не спаѓа Д Фестивал. Реалноста е дека не се одржуваат настани како Д Фестивал кај нас, уште помалку па државата води грижа за негување на овој сегмент од културата, а долга и опсежна дискусија е разгледувањето на тој феномен. Додека стратешкиот пристап во западните земји веќе направи и дефиниција за музички фестивали и за критериумите кои еден настан треба да ги исполнува за да може да се класифицира како музички фестивал, кај нас во контекст на Д Фестивал сѐ уште мораме описно да објаснуваме што значи тоа: повеќе дена во континуитет, различна програма, повеќе музички бини, фестивалски камп, дополнителна мултидисциплинарна програма, промовирање на позитивните општествени вредности…. А потенцијалот кој културните и музичките манифестации го носат во корист на сеопштиот развој на младите е несомнен и есенцијален. Неслучајно во светот овој тип на настани поради својата атрактивност стануваат и своевидни центри за презентирање на многу нови технолошки иницијативи и иновации, еколошки стратегии и програми, образовни политики, брендирање на дестинации. Но тие и не се однесуваат исклучиво на младите, туку се витални и за полетноста на младешкиот дух кај сите генерации.

Трн: Дали овој музички фестивал може да послужи како платформа за младите уметници и музичари да го покажат својот талент и да добијат поголема видливост?
Катерина: Секако, тоа е и суштината на фестивалите од аспект на музичките изведувачи бидејќи тие тука не настапуваат исклучиво пред своите фанови како што е случај на самостојните концерти. Ова е прилика да видат во живо каква е реакцијата на оние кои прв пат ги слушаат, во исто време и прилика токму преку тие посетители да ја зголемат сопствената публика, а сето тоа подразбира и потреба поинаку да се пристапи кон осмислување на настапот и неговото промовирање. Фестивалите се и место за запознавање со различни артисти, потенцијални соработници и ретка можност да се настапува на иста сцена со големи интернационални имиња.
Трн: Кои се економските импликации од фестивалот врз локалните заедници, особено во однос на вработувањето на младите и можностите за претприемништво?
Катерина: Дел од одговорот на ова прашање се провлекува низ претходниот разговор. Конкретно за Д Фестивал, во годините пред неговото одржување Дојран беше заборавен од страна на младите, а фестивалот денеска е симбол за почеток на туристичката сезона. Илјадници посетители за време на овие три дена престојуваат во Дојран и околните места и целосно ги исполнуваат капацитетите на хотелите, приватното сместување, рестораните, продавниците и останатите локални бизниси. Ние како организатори на фестивалот работно ангажираме стотици луѓе во сите сегменти од продукцијата и реализацијата на настанот, а стотина млади луѓе учествуваат и како волонтери на фестивалот кои за прв пат се стекнуваат со различни работни вештини во овој сектор.

Во фокус на целиот потенцијал за економскиот развој на локалната заедница доволно е да ги погледнеме светските примери на музички фестивали кои од претходно непозната локација изградиле туристички бренд, како „Коачела“ во пустинскиот Индио или поблиску до нас новосадскиот „Егзит“, а да ги спомнеме и градовите чии имиња денеска се повеќе познати како име на фестивалите кои се одржуваат кај нив, Гластонбери или Роскилде. Има многу успешни примери кои покажуваат како се брендираат дестинации со музичките фестивали и како тие дестинации се поставуваат на светската мапа на младинскиот туризам, а за да се оствари тој потенцијал неопходно е заедничко стратегиско работење на локалните власти, организаторите на настаните и засегнатите страни во заедницата.