Турски туристи вчера попладне на бројот 112 пријавиле дека се изгубени и дека не можат да преминат од страната на пешачката патека и ресторанот на кањонот Матка, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според пријавата, тие не можеле да се движат во мракот и барале начин да им се помогне да преминат од другата страна на езерото Матка.
„За да се извлечат туристите беше потребно да се обезбеди пловно превозно средство како кајче или чамец. За таа цел, Регионалниот ЦУК Скопје стапи во координација со Полициската станица Сарај и Општина Сарај“,се вели во соопштението од ЦУК.
Еден час подоцна, странските туристи се извлечени од местото каде се наоѓале и безбедно се префрлени од другата страна на езерото.