Според добиените информации од регионалните центри и надлежните служби, на територијата на државата во моментот нема активни врнежи од снег.
Патните правци каде што претходно имаше снежна покривка се расчистуваат и опесочуваат, а сообраќајот се одвива во зимски услови, главно по влажни коловози.
Екипите на ЈП Македонија пат, општинските зимски служби и јавните комунални претпријатија се континуирано на терен и постапуваат согласно приоритетите. Главните магистрални и регионални патни правци се проодни, а локалните патишта се расчистуваат таму каде што имало насобран снег.
Забраните за сообраќај на тешки товарни возила на одредени планински превои остануваат во сила таму каде што претходно беа воведени. Нема пријави за нови застои или сериозни проблеми во одвивањето на сообраќајот.
Снабдувањето со електрична енергија и водоснабдувањето се стабилни, без евидентирани прекини. Надлежните служби ја следат состојбата и се постапува согласно информациите од АМСМ и теренските извештаи.
ЦУК и понатаму ја следи состојбата на терен и ќе ја информира јавноста доколку дојде до промени.
