Црвениот тепих од Канскиот фестивал се продава по еден евро за килограм

Црвениот тепих по кој чекореа холивудските ѕвезди на Канскиот филмски фестивал оваа година, сега добива нов живот – се продава по цена од само еден евро за килограм.

Секојдневно менуван за време на фестивалот, од 13 до 24 мај, вкупно е собрана околу тон и пол од овој синтетички материјал. Теписите веќе пристигнале во Марсеј, каде што се рециклираат и добиваат нова намена – како модни додатоци, сценографија за театарски претстави и уште многу креативни решенија, пренесува „Le Figaro“.

„Го продаваме како обичен, фин, црвен филцан тепих – не како тепих од Кан“, објаснува Жан Ре, координаторка на француското здружение „Réserve des Arts“, кое се занимава со креативна реупотреба на материјали.

„Не го комерцијализираме овој материјал како гламурозна реликвија. Сакаме да биде достапен на што повеќе уметници и дизајнери, по иста цена“, додава таа.

Иако првично не бил наменет за повторна употреба, овој материјал сега има нова цел – да помогне во намалување на еколошкиот отпечаток од ваквите големи настани. „Фестивалот е целосно свесен за тоа“, нагласува Ре.

Елса Рамуни-Џордикјан, членка на „Réserve des Arts“ и секретарка на здружението „Les Nippones“, веќе четири години користи делови од познатиот тепих во своите креации.

„Од канскиот тепих изработуваме класични чанти, торби за шишиња вино, капи, футроли за очила – вистински уникатни парчиња“, вели таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни