Црвени рози за маратонците во чест на Тоше во Крушево

Со црвени рози и многу сеќавања крушевчани денеска на пладне ќе ги пречекаат маратонците кои трчаат до Гумење во Крушево во чест на нашата и балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески. Пред 16 години, на 16 октомври 2007 година Тоше го загуби животот во сообраќајната несреќа што се случи кај Нова Градишка, Хрватска.

Маратонците своето трчање го почнаа во Нова Градишка. За на пладне е предвидено да се поклонат пред неговото вечно почивалиште на Гумење во Крушево. Низ улиците до Гумење, крушевчани ќе ги пречекаат со црвени рози. Тоа е традиција што ја воспоставија учениците од средното крушевско училиште „Наум Наумоски – Борче“.

Спомен-куќата на Тоше на Гумење ги пречекува бројните посетители и фанови кои и годинава ги има од сите краишта.

„16 октомври е ден кој носи многу тага, солзи и неверување за сите кои го познававме, го сакавме и се уште го почитуваме. Во Спомен-куќата ќе биде претставена Тактилната изложба на музејски предмети, со објаснување со Брајовото писмо. На овој начин на денот кога пред суровата реалност затвораме очи пред фактот дека Тоше го нема, заедно со слепите лица ќе имаме можност да ги допреме, тактилно, неговиот лик, неговиот манастир, неговите гитари и многу други музејски предмети, дел од поставката во Спомен-куќата“, вели директорката на Спомен-куќата „Тодор Проески“, Лефкија Гажоска.

Во Спомен-куќата, која е најпосетуваниот музеј откако е изграден во 2011 година, ќе биде презентирано и видео на знаковен јазик и ќе биде поставено на веб-страницата на Спомен-куќата.

фото: Спомен-куќа „Тодор Проески“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни