Црвен метеоаларм на Балканот: Невреме со дожд, град и грмотевици го зафати регионот

Балканот е под влијание на нестабилно време, а метеоролозите издадоа црвен метеоаларм за најголемиот дел од регионот.

Во Македонија, топлиот бран достигна врв денес со температури до 37 степени, но од викендот се очекува значително освежување. Во сабота времето ќе биде умерено до претежно облачно со врнежи на север и запад, а дневните температури ќе се спуштат на 20 до 26 °C.

Синоќа Хрватска беше погодена од силно невреме, особено Истра, каде во Умаг и околината падна град со големина на орев и за кратко време наврна 100 литри дожд на квадратен метар. Улиците беа поплавени, а метеоролозите предупредуваат на нови обилни врнежи и во следните денови.

Слична нестабилност се очекува и во Србија. РХМЗ најавува поројни дождови, грмежи и локална појава на град, а на одредени места и силен ветар. Најризични ќе бидат западните и југозападните делови, преку Шумадија и Поморавје до истокот на земјата.

Босна и Херцеговина веќе денес ќе биде зафатена од облачност и врнежи, особено во западните и југозападните области, додека во петок речиси целата земја ќе има дожд и грмежи со пад на температурите за околу десет степени.

Метеоролозите предупредуваат на можни краткотрајни поплави, оштетување од град и проблеми во сообраќајот, а за конкретни локации ќе се издаваат навремени предупредувања.

Од недела се очекува стабилизација на времето, со пријатни температури меѓу 22 и 28 степени, додека на југот на Балканот температурите ќе достигнат до 31 °C.

Извор: Плусинфо.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни