На југозападот на Франција денеска е на сила црвен метео-аларм поради сериозна опасност од поплави, додека во 28 департмани е издадено портокалово предупредување за екстремни временски услови.
Како што пренесува Танјуг, повикувајќи се на француската телевизија BFM TV, највисок степен на тревога е прогласен во департманите Жиронда и Ло-е-Гарон, каде што постои зголемен ризик од излевање на реките и поплавување на населени места.
Во исто време, во департманите Источни Пиренеи, Горни Пиренеи, Горна Гарона и Арјеж е на сила портокалово предупредување поради опасност од лавини.
Дополнително, повеќе северни и централни региони – меѓу кои Ивлин, Оаз, Ена, Вал д’Оаз, Сома, Па-де-Кале, Нор, Сена и Марна, Горна Марна, Кот д’Ор и Есон – се под портокалово предупредување поради снег и мраз, што може да предизвика сериозни проблеми во сообраќајот и секојдневното функционирање.
Француските власти апелираат граѓаните да ги следат официјалните известувања и да избегнуваат непотребни патувања во погодените области, додека службите за итни интервенции се ставени во состојба на зголемена подготвеност.