Црвен крст Охрид одбележува три значајни јубилеи, 80 години од основањето и непрекинато делување на организацијата, 10 години од меѓународниот аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“ и 15 години од едукативната програма и Центар за развивање животни вештини Бреинобреин, информира денеска на прес-конференција претседателот Сашо Точков.
Јубилејот 80 години од основањето и непрекинатото делување на Црвен крст Охрид, за Точков претставува можност за оддавање признание и почит на сите основачи, волонтери, вработени поддржувачи на генерации охриѓани кои одвоиле време и дел од себе да бидат дел од оваа организација.
Јубилејот, според него, ќе биде одбележан в петок, со свечена академија на која ќе бидат доделени признанија на поединци и организации, кои долгогодишно соработувале и придонеле за развој на организацијата.
– На свечената академија се сите добредојдени, сите кои се чувствуваат хумани, кои биле дел од организацијата и младите кои имаат желба да бидат дел од тимот. Оваа свеченост нема да биде само прослава, туку сакаме да ја поставиме како еден вид потсетник, дека хуманоста е тоа што е највредно и најзначајно, тоа што ние го имаме и даваме. Сакам да упатам апел до сите да продолжиме во истата насока да бидеме светилник на хуманоста и да го докажеме и покажеме тоа што навистина го заслужуваат охриѓани и сите кои се вклучени во нашата организација, рече Точков.
Потпретседателката на ОО Црвен крст Охрид, Весна Терзиоска го најави 10-тото јубилејно издание на меѓународниот аматерски театарски фестивал „Вдиши театар“.
– Идејата почна пред 12 години, како место, простор, каде младите може да ја изразат својата креативност. Простор за критичко размислување, за сценско изразување и со две години пауза заради Ковид пандемијата со големо задоволство го најавувам 10. јубилејно издание на „Вдиши театар“. Низ овие 10 години сме реализирале 40 претстави со над 300 актери волонтери на Црвениот крст, истакна Терзиоска.
На аматерскиот Фестивал во изминатите 10 години учествувале организации на Црвен крст од побратимските градови од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. На јубилејното издание најави една заедничка претстава, „Балкан град“, компилација на пет општински организации, Охрид, Крагуевац, Ужице, Суботица и Бар.
Софија Јаковлева, волонтер во Црвен крст Охрид и дел од актерската екипа во претставата „Балкан град“ истакна дека трета година е дел од „Вдиши театар“ и секоја година возбудата е голема.
– Оваа година е навистина нешто посебно, затоа што имаме спој со сите збратимени градови и направивме едно дело на различни јазици, односно успеавме да склопиме секој на својот јазик да го претстави она што навистина го сака, истакна Јаковлева.
Претставата ќе биде изведена в сабота на 14 јуни со почеток во 20 часот и 30 минути во предворје на црквата Света Софија.