Црногорскиот симфониски оркестар на Охридско лето

Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот концерт ќе одржи Црногорскиот симфониски оркестар. Шеф-диригент е Марк Корович, а на пијано ќе настапи Нина Костова. На програмата ќе бидат дела од Волфганг Амадеус Моцарт и од Јозеф Мартин Краус

Црногорскиот симфониски оркестар за прв пат настапува во 2007 година во Цетиње, и набргу станува центар на музичкиот живот во Црна Гора. На преку 500 концерти одржани во земјата и во странство (Италија, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Русија, Турција, Албанија, Франција) како солисти со овој оркестар меѓу останатите настапиле: Монсерат Кабалје, Миша Мајски, Иво Погорелиќ, Иља Гринголц, Роман Симовиќ, Милош Карадаглиќ, Денис Шаповалов, Симон Трпчески, Стефан Миленковиќ, Константин Лифшиц и многу други истакнати солисти и диригенти. Прв шеф – диригент на оркестарот е рускиот уметник Алексеј Шатски кој во Црна Гора доаѓа како еден од асистентите на легендарниот Владимир Федосејев. По него, со оркестарот раководи Григориј Краско кој како концерт-мајстор и водач на ансамблот Црногорски гудачи дал немерлив придонес кон развојот и новите достигнувања на оркестарот. Од сезоната 23/24 на чело на оркестарот е реномираниот француски диригент со црногорско потекло- Марк Корович.

Корович (1987) завршува хорско и оркестарско диригирање на „Сорбона“ во Париз. Оркестарско диригирање студира и на Конзерваториумот за музика во Париз, а магистерски студии по хорско диригирање завршува на Високата школа за музика во Женева. Од 2014 Марк Корович редовно работи со хорот на Француското радио, како и со хорот „Акцентус“ со кои настапува на турнеи, снимања, а надвор од Франција соработува со хорот на Хрватското радио, со вокалните ансамбли во Штутгарт и Минхен, ансамблот English voices, хорот на градот Мадрид и на Шпанската РТВ. Соработува со ансамблот „Кончерто Келн“, со Хрватскиот барокен оркестар, Хашкиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар на ХРТ, како и со националниот оркестар во Монпелје. На оперската сцена работи во оперите во Руен и Монпелје, во театарот „Шанзелизе“ и во Виенскиот театар. Остварува успешни соработки со врвни диригенти како што се: Сајмон Ратл, Даниел Хардинг, Алан Гилберт, Густаво Дудамел, Еса-Пека Салонен, Даниеле Гати, Клаус Мекела, Лахав Шани, Луи Лангре, Стефан Денев, Херберт Бломштед, Филип Жордан, Лоренс Екилбеј и др.

Нина Костова музичкото образование го стекнува во Скопје, во класата на реномираните професори Људмила и Борис Романови. Во текот на своето образование добитник е на бројни награди и признанија и често настапува на европските сцени во Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Турција и сл. Од 1991 до 2010 година, учесник е на сите семинари водени од проф. Борис Романов, организирани од ДМБУЦ – Скопје, МММ, како и Музичкото училиште „Добрин Петков“ во Пловдив и музичкото училиште „Војислав Вучковиќ“ од Белград. Дипломира и магистрира со посебна пофалба cum laude, a во 2014 година ги завршува докторските студии. Моментално работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со своите ученици и студенти постигнува огромни успеси, за кои показател се двете признанија од Карнеги Хол за посебен придонес на натпреварот „Американски таленти“ како и признанието од фондацијата „Спиваков“ за посебен придонес на фестивалот „Москва сретнува пријатели“ во 2013 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни