Црногорскиот премиер ја поддржа акцијата за бојкот на продавниците – повик да не се пазари на 31 јануари

Откако црногорскиот премиер Милојко Спајиќ ја поддржа идејата за бојкот на супермаркетите и на другите продавници со прехранбени производи поради високите цени, денеска организацијата Алтернатива Црна Гора ги повика сите граѓани на бојкот во петок, 31 јануари.

Инаку, Спајиќ синоќа сподели анкета на профил на платформата X, во која се бара одговор од следачите дали треба да се следи примерот на Хрватска.

„По само еден ден од бојкотот, хрватските супермаркети ја слушнаа пораката и значително ги намалија цените. Дали мислите дека и ние во Црна Гора треба да се организираме и следниот петок да ги бојкотираме сите супермаркети, како и другите продавници со прехрамбени производи?“, гласи прашањето во анкетата.

Споделувајќи ја анкетата на својот профил Спајиќ напиша „Да“.

Потоа, Алтернатива Црна Гора ги повика граѓаните да ги бојкотираат супермаркетите и продавниците во Црна Гора во петок на 31 јануари. Сметаат дека цените се енормно високи и дека водечките трговски синџири со меѓусебен договор за формирање на цените имале пресудно влијание врз тоа што граѓаните не го почувствувале зголемувањето на платите и пензиите.

,,Можеме ли еден ден да ја тргнеме политиката на страна, да не се делиме, сите да бидат едно, да знаат дека ние одлучуваме?!“, се вели во повикот на Алтернатива.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни