Црно собрание

“Децата се наше најголемо богатство.”

Во свет на закани од непредвидливи климатски промени, масовни убиства по училиштата и хистеричен страв од надоаѓачката вештачка интелигенција, вакви фрази звучат како банални флоскули. Лажна е и нашата морална висина од која ги дочекуваме и им коментираме на предизвиците на 21виот век. Социјалните мрежи ги заменија фамилијарните прослави како олимпијади во простотилак, а Итар – Пејовците од пред кооперација се хероите на нашето клик – бајт овде и сега. Децата ни се растргнати помеѓу бедата на домашното воспитание, оловото на ментално заостанатиот образовен систем и сировата реалност на векот за кој не знаевме да ги подготвиме. 

Сепак, ние упорно и без ронка промисла, се размножуваме и понатаму. Независно од нашата згодна навика за обвинување други за сопствените недостатоци и адекватно на тоа буткање на проблемите под тепих, новите деца доаѓаат во континуитет. Децата доаѓаат и никој ништо сериозно не презема во правец на подигање на квалитетот на нивниот третман. Тие учат во истите клупи, од истите (сега и полоши) книги, на истите факултети кои ја произведоа денешната безидејност и корупција. На истокот ништо ново би рекол и тука ќе застанам, зошто намерата не ми е да плукам. Доволно плукавме самите на себе.

Намерата, како и секогаш, ми е да посочам дека има надеж. Искра светлина од мрачните лавиринти на македонското образование.

Деновиве имав вистинска привилегија да ѕирнам низ пукнатините на нашата недоветна реалност, директно во изворот на доброто, хуманото, исправното. Да, тоа постои дури и овде, кај нас. Ете во подрумот на една од нашите најреномирани гимназии, Никола Карев. Сосем спротивно на оценките и препораките на државната бирократија, во овој наш образовен храм вирее и се развива нишка надеж и светлина. Само поради храбрата иницијатива на тамошната професорка Емилија Ристановска, предметот музичко образование е најомилениот во гимназијата. Всушност, во случајов веќе не се работи само за училиштен предмет, туку цело културно движење. Освен околу учењето се разбира (бев, разговарав со нив и УЧАТ, верувајте ми), средношколците се активно ангажирани во многу проекти, меѓу кои и поставување текстови на Википедија за релевантни музички појави во Македонија. Фантастичен ангажман за средношколци. Сепак, моето воодушевување достигна максимум, кога се запознав со конкретните музички активности на учениците.

За разлика од било која друга класична гимназија во нашата земја (ве молам поправете ме ако грешам и дај боже да грешам), во подрумот на Карев има вистински музички клуб и “вежбална“ каде се негува квалитетниот современ македонски рокенрол звук. Средношколци ја негуваат живата, современа, македонска музичка култура, истовремено добивајќи петки по својот омилен предмет во училиштето. Да не истакнувам дека во меѓувреме се пресреќни и обожуваат да одат на училиште.

Зборував со нив. Презадоволни се. Супер им е во школо. Мотивирани се, сакаат да учат и имаат визии за себе, кои подоцна се претвораат во планови за нивната иднина. Свесни за уникатноста на оваа ситуација и привилегијата за која се избориле заедно со својата професорка, подготвени се да се борат и да го задржат ова што го имаат за себе и за идните генерации на училиштето. Зошто па да не претставуваат и инспирација за сите училишта во Македонија?

Е, да, имаат и свој бенд се разбира. Се собираат редовно и свират проби, даваат се од себе. Свират некои современи македонски рокенрол стандарди: Архангел, Ќељав Дабар, Ние сме од Скопје итн. Работат на сопствен авторски материјал и сонуваат да ја завршат и отсвират таа НИВНА ПЕСНА. Во меѓувреме настапуваат на средношколски манифестации, но и на други “посериозни“ музички настани. Нивното име е Црно Собрание. Ги знаете. Сте чуле за нив. Ако не сте чуле, не знам кај живеете.

Црно Собрание. Ме одушевија децата, нивната младост, љубовта со која им приоѓаат на задачите и предизвиците. Ме одушеви работната атмосфера во подрумот на Карев. Разговарав со нив за нивното име: Црно Собрание. Единствено тоа ми беше нејасно. Не им беше ниту ним, сметаат дека можеле подобро име. Се согласив… Малку подоцна, на безбедна дистанца од позитивноста која ме преплави во нивно друштво, размислив повторно околу името. Не треба подобро име. Црно собрание е совршено. Гледајќи во нас постарите и деморализираниот свет кој им го оставаме, тие “наденале“ совршено име. Ние “возрасните“ сме црното собрание. Тие се нашето сонце. Децата.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни