Од 25% до 30% од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди во земјава се пешаци. Изминатите години бројката на загинати пешаци на ниво на Република Северна Македонија се движи околу 30 загинати и околу 750 повредени пешаци во сообраќајни незгоди.
Во среда вечерта на булеварот пред Силбо, згасна животот и на дваесет и две годишната Фросина Кулакова. Фросина беше прегазена од 20-годишен возач без возачка дозвола, додека минувала на пешачки премин. Обвинителството информираше дека претходно тој бил обвинет и за други кривични дела и тоа неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во текот на постапката за овие дела, обвинетиот бил во притвор, а скопскиот Кривичен суд му го укинал притворот и го упатил во воспитно-поправниот дом во Тетово.
Од местото каде што почина младата Фросина, граѓаните вчера на масовен протест побараа правда за нејзиното убиство и одговорност на институциите. Со многу болка и револт тие ги посочија нефункционирањето на институциите и корумпираното судство, како главни виновници за смртта на младата девојка. Со транспаренти на кои пишуваа „Судии, рацете ви се крвави“, „Сите одиме кај ист судија, а таму има само една правда“, „Не е Партизанска проклета, проклети сте вие“ бараа правда и бараа одговорност.
Секојдневно сме сведоци на трагедии што можат да се избегнат, но се случуваат поради нефункционалноста на системите и длабоката корупција во јавните институции. Цената на сето ова, граѓаните ја плаќаат со своите животи. Бројот на жртви се зголемува и тие често се сведени на статистика, без конкретни мерки за превенција во иднина. Ова е сериозен проблем што ја одразува неспособноста на системот да обезбеди основни права на граѓаните, како што е правото на живот и безбедност. Живееме во град каде јавниот превоз не е подобрен, патната сигнализација е на многу места неадекватна, а законите не секогаш доследно се спроведуваат. Бројот на изгубени животи расте.
Затоа протестот велат организаторите, велат нема да запре.