„Црна земја“ на Крсто Роџевски го освои Солун на Денот на независноста

Во рамките на кусата промотивна и концертна турнеа по повод неговото најново ЦД и винил издание „Црна земја“ (Black Earth), познатиот македонски музички артист, композитор и аранжер Крсто Роџевски, после успешниот концерт во Битола го освои и Солун.

Албумот „Црна земја“, со единаесет традиционални македонски песни од егејскиот дел со традиционални македонски хармонии и ритми беше промовиран со пригоден концерт на 8 септември, на Денот на независноста на Македонија, во „Оратос“, еден од најелитните артистички клубови во Грција.

Дополнителен куриозитет е што ова музичко издание со обработките на традиционалните македонски егејски теми е објавено под етикетата на „Дефказ“, издавачка куќа од Грција којашто за „Црна земја“ напиша дека е „филтрат на транс-генерациско пренесување на издржливост, траума, љубов и наивност“.

Во промотивните материјали на „Дефказ Рекордс“ за Крсто Роџевски пишува дека е вокалист, гитарист и композитор од Северна Македонија кој како дел ос авангардата на музичката сцена во Њујорк остварил повеќе успешни музички проекти и изданија кои биле одлично оценети од The Wire, Downbeat, Avant Music, All About Jazz. Албумот The Rabbit and the Fallen Sycamore во листата на Роџевски го стави на листата најдобри албуми за 2018 година.

Крсто Роџевски соработувал со некои од највозбудливите имиња на џез и експерименталните сцени во Њујорк и Чикаго како Томека Рид, Крис Дејвис, Икуе Мори, Мери Халворсон, Ингрид Лауброк, Томас Фуџивара, Кирк Кнуфке, Крис Спид, Џеф Паркер, Никол Мичел, Кен Вандермарк и други.

Покрај Кристо Роџевски како автор на концептот, аранжер, вокал, акустична гитара, тамбура, останатите артисти во проектот „Црна земја“ се и Доминик Џејмс, електрична гитара, Џош Вернер, бас, Бил Ласвел, кој е продуцент на музиката и дополнителен бас и Адам Рудолф на синтир и перкусии.

Делови од албумот „Црна земја“ може да се преслушаат на веб страницата на Defkaz Records од каде што може и да се купи најново издание на Крсто Роџевски.

Извор: racin.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни