Црна Гора вчера, на Меѓувладината конференција меѓу Црна Гора и Европската унија во Брисел, официјално го затвори преговарачкото Поглавје 32 – Финансиски надзор. Со ова, земјата досега има затворено 13 од вкупно 33 преговарачки поглавја во процесот на пристапување кон Европската унија.
Европската комесарка за проширување Марта Кос потсети дека Црна Гора во декември 2025 година затвори пет поглавја, а позитивната динамика продолжува и во 2026 година. Таа нагласи дека годинава се одбележуваат 20 години од обновата на црногорската независност, што, според неа, нема да биде само година на прослава, туку и на засилен и посветен реформски напор.
„Ова е добар почеток на годината и Црна Гора е на пат до крајот на 2026 година да ги затвори сите преостанати поглавја“, порача Кос.
Спаиќ: Процесот на проширување е жив
Црногорскиот премиер Милојко Спаиќ изјави дека брзината со која Црна Гора ги затвора преговарачките поглавја е јасен доказ дека процесот на проширување на Европската унија и понатаму е жив и релевантен. Тој изрази уверување дека земјата може да ги затвори сите поглавја уште до крајот на оваа година.
„Оваа Меѓувладина конференција е доказ дека на европскиот пат нема пречки и нема пречекорувања. Сè мора да се направи со работа и реформи“, истакна Спаиќ.
Тој додаде дека Европската унија, во време на глобална несигурност, останува столб на мирот, демократијата и владеењето на правото.
„Не постои поголем идеал од обединета Европа. Црна Гора самоуверено чекори кон таа цел“, рече премиерот.
Што опфаќа Поглавје 32?
Поглавјето 32 – Финансиски надзор се однесува на усвојување и примена на меѓународно признати стандарди во областа на јавната внатрешна финансиска контрола, надворешната ревизија, како и најдобрите практики на Европската унија. Ова поглавје има за цел да обезбеди дисциплина, транспарентност и отчетност во користењето на националните средства и средствата од ЕУ во целиот јавен сектор.
Од црногорската Влада претходно оценија дека затворањето на ова поглавје претставува значаен исчекор на патот кон полноправно членство во Европската унија.
Преговорите траат од 2012 година
Црна Гора официјално ги отвори преговорите за членство во Европската унија на 29 јуни 2012 година. Досега има затворено 13 поглавја, што претставува речиси 40 проценти од вкупниот број.
Според проекциите на црногорските власти, земјата би можела да стане полноправна членка на ЕУ во 2027 година.
Црна Гора е и првата држава што преговара според новиот принцип на проширување, според кој најважните поглавја – Поглавје 23 (Правосудство и темелни права) и Поглавје 24 (Правда, слобода и безбедност) се отвораат на почетокот на процесот, а се затвораат на самиот крај.
Извор: Index Vijesti
