Црна Гора побара помош од НАТО за гаснење на пожарите

Црна Гора побара помош од НАТО и соседните земји за гаснење на интензивните шумски пожари кои беснеат на повеќе локации, додека владата најавува поддршка и обновување на оштетените области.

Владата на Црна Гора побара меѓународна помош за гаснење на шумски пожари од воздух преку НАТО, односно преку Евроатлантскиот центар за координација на одговор на катастрофи, а иста помош побара и преку механизамот на ЕУ за цивилна заштита, како и врз основа на билатерални договори.

Според објавата од црногорската влада, во изминатите денови Црна Гора се соочува со интензивни шумски пожари на повеќе локации низ државата, а нејзините ресурси не се доволни за ефикасно справување со пожарите, особено на тешко достапни места и во услови на високи температури, силен ветер и суша.

„Воздушните капацитети на Црна Гора, авиони и хеликоптери, работат со полн капацитет, но поради обемот на пожарите и ограничените технички можности не можат да одговорат на сите потреби“, стои во соопштението на црногорската влада.

Додаваат дека временската прогноза укажува на продолжување на неповолните временски услови во наредните денови.

Се потсетува дека Црна Гора е членка на НАТО од 2017 година и дека согласно националните процедури и меѓународните обврски, може да побара помош преку наведените механизми кога домашните капацитети не се доволни за справување со вонредни ситуации.

Од Министерството за внатрешни работи на Црна Гора најавија дека од денес ќе им помага канадер од Хрватска во гаснењето на пожарите на територијата на Црна Гора, а денеска Србија испрати хеликоптер Камов, кој околу 17 часот слета во Подгорица и веќе е ангажиран во гаснењето на пожарите од воздух.

Во Црна Гора активни се пожари на неколку локации околу Подгорица, каде пожарникарите спасуваа куќи и евакуираа локално население, како и на приморјето кај Будва и на северот на земјата околу Бијело Поље. Во гаснењето на пожарите помага и Армијата на Црна Гора.

Претставници на невладини организации жестоко ја критикуваа премиерот Милојко Спаиќ и неговата влада, која е на колективен годишен одмор, поради игнорирање на ситуацијата во која се најде државата.

Спаиќ подоцна напиша на социјалните мрежи дека Владата на Црна Гора ќе им обезбеди целосна потребна помош на граѓаните кои претрпеа штети од пожарите, за да се санираат последиците и да се обнови сè што е загубено.

„Свесен сум за тежината на загубите што ги претрпеа нашите граѓани. Владата на Црна Гора ќе биде покрај вас – ќе обезбедиме цела потребна помош за да ги санираме последиците и да го обновиме она што е загубено. Овие предизвици се тешки, но заедно ќе ги надминеме, со вера во силата и единството на нашата заедница“, напиша премиерот на платформата X.

Тој додаде дека пожарите на повеќе локации нанеле голема материјална штета на граѓаните и заедниците.

„За жал, повредени се и нашите пожарникари – луѓето кои секојдневно, несебично и храбро стојат на првата линија на одбрана на животот и имотот“, напиша Спаиќ.

Изрази благодарност до „нашите пријатели од Србија, Хрватска и Словенија, како и до партнерите од Европската унија и НАТО, за брзата и несебична помош што ја даваат во духот на регионалната соработка и солидарност“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни