Црна Гора на пат кон воведување седумчасовно работно време

Звучи како балкански виц – Црногорците сакаат да работат уште помалку. Но, работата е сериозна. Владејачкиот движење „Европа сега“ (ПЕС) најави воведување на седумчасовно работно време, нешто што предизвикува радост кај вработените, но незадоволство кај работодавачите.

Дали навистина работната недела во Црна Гора ќе биде скратена од 40 на 35 часа, ќе се знае по завршување на преговорите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите. На последниот состанок на Социјалниот совет најгласни во противењето беа претставниците од градежниот и туристичкиот сектор, кои веќе се соочуваат со недостаток на работна сила и сезонски ангажмани.

Од Унијата на работодавачи на Црна Гора велат дека ваквата промена би значела целосна реорганизација, зголемени трошоци, нови вработувања и потенцијално прекршување на законските ограничувања за прекувремена работа. Според нив, скратувањето на работното време во туризмот е практично невозможно.

Од Министерството за труд и социјален дијалог, пак, изјавуваат дека од 1 јануари до денес, Инспекторатот за труд не забележал зголемена потреба за прекувремена работа во приватниот сектор. Оттаму уверуваат дека процесот на имплементација ќе биде внимателно испланиран и заснован врз анализи што ќе покажат како ваквата мерка може да се примени без да се нарушат економските резултати.

Интересно е што оваа реформа ќе важи и за јавниот сектор, каде што работат околу 80.000 лица – дури една третина од вкупно вработените во државата. Бизнис-заедницата апелира Владата прво да се фокусира на оптимизација на јавната администрација, зголемување на нејзината ефикасност, борба против сивата економија и злоупотребата на боледувањата.

Сепак, во Министерството сметаат дека скратувањето на работното време може да биде дел од решението – според европските трендови и истражувања, пократкото работно време носи поголема мотивација, помалку боледувања и долгорочна корист за сите.

Ако измените на Законот за работни односи бидат изгласани во Парламентот, Црна Гора ќе стане првата земја во Европа која експлицитно ќе го воведе седумчасовниот работен ден.

Франција, на пример, има законски лимит од 35 работни часа неделно, што просечно значи седум часа дневно, но не го дефинира тоа како „седумчасовно работно време“.

Идејата првпат беше претставена од премиерот Милојко Спајиќ по повод Меѓународниот ден на трудот пред две години, како дел од програмата „Европа сега 2“, која беше еден од главните адути на ПЕС во изборната кампања. Иако Спајиќ најави дека мерката ќе се имплементира до крајот на минатата година, таа сè уште е во фаза на подготовка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни