Црна Гора го заострува Законот за странци

Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Данило Шарановиќ, соопшти дека новиот, многу построг Закон за странци следната недела ќе влезе во собраниска процедура.
"Crkva Gospa od Zdravlja" church, Kotor bay, Montenegro.

„Новиот Закон за странци, кој е значително порестриктивен, нашето министерство го подготви пред седум-осум месеци. Следната недела тој влегува во собраниска процедура“, изјави Шарановиќ на средба со граѓани во подгоречкото населбе Забјело, поради неодамнешното ранување на еден Подгоричанец и зачестените инциденти во кои учествувале државјани на Турција.

Владата привремено го укинува безвизниот режим со Турција

Премиерот Милојко Спајиќ најави дека Владата на Црна Гора ќе донесе итна одлука за привремено укинување на безвизниот режим за турските државјани, откако полицијата приведе 45 Турци поради повеќе насилни инциденти во изминатите 24 часа.

Подгоричката полиција претходно уапсила двајца осомничени – државјани на Азербејџан (31) и Турција (54) – поради напад во населбата Забјело, во кој бил повреден жител на Подгорица. Тие се товарат за кривично дело насилничко однесување.

Инцидентот предизвика бурни реакции и протест на граѓаните, кои извикувале навредливи и шовинистички пароли, меѓу кои и „Убиј Турчина“.

Зголемена полициска активност и притворања

Полицијата синоќа спровела повеќе рации во Подгорица и потврдила дека во последните 24 часа имало неколку насилни инциденти во кои биле вмешани турски државјани со привремен престој. Вкупно биле приведени околу 45 лица, а според официјалните податоци, во Црна Гора моментално престојуваат околу 13.300 државјани на Турција.

Реакција на претседателот Јаков Милатовиќ

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, остро го осуди нападот и изрази поддршка на повредениот граѓанин и неговото семејство. Тој побара од надлежните институции брзо и целосно расветлување на случајот и редовно информирање на јавноста.

Милатовиќ апелираше на смиреност и воздржаност, предупредувајќи дека во општеството не смее да има место за колективна вина или стигматизација на цели народи.

„Должност ни е да ја штитиме безбедноста на луѓето и јавниот ред, но и да ја чуваме општествената кохезија. Сите јавни личности мора да внимаваат со своите пораки и да не ги зголемуваат тензиите, додека полицијата и обвинителството се должни решително да реагираат на говор на омраза и закани“, изјави Милатовиќ.

Апел за одговорна миграциска политика

Во однос на миграциите, Милатовиќ оцени дека Црна Гора има потреба од поодговорна имиграциона политика – строга кон злоупотребите и криминалот, но праведна кон оние кои ги почитуваат законите.

„Тоа значи насочени безбедносни проверки, ефикасно санкционирање на прекршувањата и посилен надзор врз злоупотребите, но и јасна порака дека луѓето кои живеат и работат согласно прописите се наши гости и соседи – добредојдени и безбедни“, нагласи претседателот.

Тој потсети дека уште пред еден месец предупредил на потребата од дефинирање на јасна, балансирана и одговорна политика за миграции, додавајќи дека оттогаш нема конкретни институционални чекори.

„Денес, наместо исхитрени одлуки, мора да се донесат сериозни и одржливи мерки во интерес на сите граѓани“, заклучи Милатовиќ, додавајќи дека Црна Гора мора да покаже зрелост, нулта толеранција кон насилниците и доследна примена на законот за странци, со смирен пристап во време кога најлесно се поттикнуваат тензии.

Извор: Danas.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни