Црна Гора го укинува безвизниот режим за турските државјани

Владата на Црна Гора во понеделник – по итна постапка – ќе го укине безвизниот режим за државјаните на Турција, најави премиерот Милојко Спајиќ во неделата доцна навечер преку социјалната мрежа Х.

„Ќе иницираме интензивни разговори со Турција за да го најдеме најдоброто решение во духот на соработката и сојузништвото“, напиша Спајиќ, без да ги образложи причините за ваквиот потег.

Полициска акција

Истовремено, полицијата спроведе рација во населено место Забјело, при што беа приведени околу педесет турски државјани, меѓу кои и двајца осомничени за вмешаност во тепачка во која Подгоричанец бил избоден со нож.

Инцидентот се случил во ноќта меѓу сабота и недела, а при приведувањето се собрале групи граѓани кои упатувале антиисламски и анкетурски повици. Полицијата спречила дел од толпата да се доближи до објектите во кои престојувале турските државјани.

Министерот за внатрешни работи, Данило Шарановиќ, ги повика граѓаните на смиреност и истакна дека во Црна Гора престојуваат околу 13.000 турски државјани, а не 100.000, како што се шпекулирало. Од нив, 80 имаат постојан престој.

Реакции на властите и јавноста

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, остро го осуди нападот и ги повика граѓаните на воздржаност:
„Не смее да има место за колективна вина ниту за стигматизација на цели народи. Полицијата и обвинителството мора решително да го сузбијат говорот на омраза и сите видови закани“, порача Милатовиќ, додавајќи дека земјата има потреба од „одговорна и праведна имиграциска политика“.

И потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи, Ервин Ибрахимовиќ, го осуди насилството, наведувајќи дека „ваквите повици како ‘Убиј Турчина’ се срамни и недопустливи во европска Црна Гора“.

Владејачката Бошњачка партија, исто така, побара расветлување на случајот и санкционирање на сторителите „без оглед на нивната национална припадност“, осудувајќи го говорот на омраза и повикувајќи на правичност и владеење на правото.

Политички контекст и регионални односи

Реисот на Исламската заедница во Црна Гора, Рифат Фејзиќ, ги поврза настаните со влошените односи меѓу Белград и Анкара, по испораката на турско оружје на Косово во октомври, што предизвика остра реакција на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Дел од владејачката коалиција во Црна Гора, особено партиите од Демократскиот фронт, имаат блиски врски со Белград и српското раководство.

Зголемено присуство на странски криминални групи

Според последниот извештај на црногорската влада за организиран криминал (SOCTA), во земјата во последните години се зголемило присуството на странски криминални структури – особено турски, грузијски и руски групи. Турските групи, според документот, се поврзани со трговија со хероин, трговија со луѓе и перење пари.

Во моментов, во Црна Гора се регистрирани 11 високоризични криминални групи со повеќе од 30 членови, што дополнително го усложнува безбедносниот контекст во кој Владата го укинува безвизниот режим за Турција.

Извор:Radio Slobodna Evropa.org

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни