Црна Гора ги забрани мобилните телефони во училиштата

Во Црна Гора веќе постојат училишта кои претходно усвоиле правилници за забрана на користење мобилни телефони за време на настава, а нивните позитивни ефекти се потврдени од страна на наставниците, родителите, но и самите ученици.

Училишните одбори на основните и средните училишта во Црна Гора донесоа одлука за забрана на користење мобилни телефони за време на настава, соопшти Министерството за образование, наука и иновации (МПНИ).

Оваа одлука е донесена по иницијатива на МПНИ, но предвидува исклучоци – телефоните можат да се користат ако наставниот план предвидува нивно користење како наставно средство за одредени наставни единици.

Исто така, одлуката вклучува посебни околности, како што се итни ситуации или здравствени причини, при кои учениците можат да го користат телефонот со одобрение на предметниот наставник или раководството на училиштето, пишуваат Вести.

МПНИ најави дека во соработка со училиштата, во наредните денови ќе обезбеди неопходни услови за спроведување на оваа одлука во пракса. Како што велат, искуствата од други земји покажуваат дека укинувањето на мобилните телефони во училиштата позитивно влијае на резултатите на учениците во образовниот процес. Сè повеќе земји ширум светот, како на национално ниво така и во поединечни училишта, воведуваат различни форми на делумна или целосна забрана на мобилните телефони.

Во Црна Гора веќе постојат училишта кои претходно усвоиле правилници за забрана на користење мобилни телефони за време на настава, а нивните позитивни ефекти се потврдени од страна на наставниците, родителите, но и самите ученици.

МПНИ истакна дека вложиле околу седум милиони евра во набавка на компјутерска опрема за сите образовни установи во Црна Гора, со што се обезбедува продолжување на дигитализацијата на образовниот систем.

Во наредниот период се планира набавка на дополнителна ИТ опрема, додека Министерството ќе продолжи со воведување нови мерки кои ќе придонесат за поквалитетно образование и зајакнување на воспитната улога на училиштето.

Како што заклучуваат од МПНИ, ова е заеднички интерес на сите учесници во образовниот процес – учениците, наставниците и родителите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни