„Црна дупка“ го отвора Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“

Денес, во Струмица започнува 32. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.

Посебна чест за струмичкиот театар ќе биде отворањето на Фестивалот со нашата претстава „Црна дупка“ по текст на Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Претстава која во месец јуни, оваа година, на 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, беше наградена со наградата за најдобра претстава. Наградени беа и актерот Васил Михаил за најдобра машка улога и актерката Анкица Бенинова за женска епизодна улога, соопштија од Театарот „Антон Панов“ од Струмица.

Фестивалот на актерот „Ристо Шишков“ е реномиран културен настан кој се одржува секоја година во чест на еден од најзначајните македонски актери, Ристо Шишков. Фестивалот има за цел да го прослави актерското мајсторство и да ги одликува најдобрите актерски остварувања од театарската сцена во Македонија и регионот. Со учество на бројни театарски претстави, овој фестивал стана симбол на уметничка извонредност, нудејќи платформа за промоција на талентирани актери и негување на театарската уметност. Главната награда, која го носи името на Шишков, претставува врвно признание за најдобрите актерски перформанси.

Најново

Последни колумни