Црн чад над Скопје: Освен пожарите во Дрисла и Вардариште, гори и во Трубарево

Скопје повторно под чад: Активни пожари во Трубарево, Дрисла и Вардариште. Институциите тврдат дека ситуацијата е под контрола, но граѓаните документираат нови изданија на густ чад.

Скопје повторно се гуши во чад: во текот на денот избувна голем пожар во фабрика за пластика во с. Трубарево, општина Гази Баба. Повикот за интервенција е примено преку бројот за итни случаи Е-112, а противпожарните екипи на Град Скопје се на лице место и активно интервенираат.

Истовремено, од депониите Вардариште и Дрисла се издигнуваат два масивни столба од црн чад, што повторно ја загрижува јавноста за квалитетот на воздухот во главниот град. Граѓани веќе споделуваат видеа и фотографии од ситуацијата, а според нив, чадот се шири кон Аеродром и централните делови на градот.

И покрај уверувањата на надлежните институции дека утрово немало активно горење и дека се продолжува со затрупување на критичните делови од Вардариште, фотографиите на граѓаните говорат поинаку.

Ангелов: „Чадот не е случаен – некој намерно разгорува“

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, најави прес-конференција во 14 часот, на која ќе даде повеќе информации за причините за повторното чадење од депониите. Тој изјави дека иако Вардариште има ангажирано обезбедување од приватна агенција, „очигледно некој успева да разгорува жаришта“.

Пожарот на Дрисла сè уште не е целосно саниран

Што се однесува до Дрисла, таму пожарот што избувна на 9 септември сè уште не е целосно изгаснат. Иако нема видливи пламени јазици, чадот периодично се шири над Скопје, зависно од правецот на ветрот. Институциите велат дека ситуацијата е под контрола и дека чадењето е намалено, но и понатаму присутно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни