Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска беше во работна посета на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, која е ремек-дело од XIV век, и во архитектонска и во сликарска смисла.
Тој изјави дека за 2025 година е планирано да бидат обезбедени околу 5 и пол милиони денари, но што е уште поважно, како што рече, ова е проект кој добива повеќегодишно финансирање, и во следните три-четири години конзервацијата на фрескоживописот ќе се одвива без застој.
Цветанка Хаџи-Пецова, в.д. директорка на Националниот конзерваторски центар и советник-конзерваторот Владо Муковски, изразија задоволство од започнувањето на овој, како што го нарекоа, проект од национално значење, и додадоа дека е чест, привилегија и одговорност да се работи на монументалниот споменик на културата и да се конзервира фрескоживописот на големите мајстори на византиското сликарство, зографите Михаил и Евтихиј.
При посетата на црквата во Старо Нагоричане беше најавено дека со сиот кадровски и стручен потенцијал на Националниот конзерваторски центар и на Конзерваторскиот центар – Скопје започнува конзервацијата на еден од најраскошните фрескоаранжмани на византиската уметност од 14 столетие.
Во оваа пригода, министерот Љутков изрази уверување дека со реализацијата на проектот, црквата ќе го добие заслуженото место меѓу културните добра во нашата земја, а тоа во иднина ќе даде силен импулс за развојот на туризмот, како и активности за локален економски развој.