Како што велат тие, една маргинална интернет веб страница, како и неколку Фејсбук страници, излегоа со тврдење дека ЦИВИЛ е организатор на собирот.
„Тоа е лага! И воопшто не е наивна. Не се работи за грешка или недоразбирање, туку за смислена кампања со која се дискредитираат граѓанските иницијативи и се прави обид да се спречат граѓанките и граѓаните слободно да го изразат своето мислење на јавен настан. ФАКТ: Организатор на јавниот собир на 18 март, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, со почеток во 18 часот е граѓанската иницијатива ‘Кој е следен?’“ велат од Цивил..
Тие велат дека ширењето на оваа лага не се потпира само во внесувањето забуна за тоа кој е организатор на собирот, туку е придружена со манипулативни наративи и говор на омраза со кои се нанесува штета и на вистинскиот и на наводниот организатор, а најмногу на правото на граѓанско учество.
„Со зборовите ‘ѓубриња ниедни’, ЦИВИЛ и нејзиниот претседател Џабир Дерала, се клеветат дека ‘повторно се обидуваат да профитираат на грбот на жртвите’ и дека ‘се обидуваат да манипулираат со народот и да поттикнат нова Шарена Револуција’“ велат од Цивил и додаваат дека ваквите лага се дистрибуираат и преку лични пораки на Вибер.
Кампањата која се споделува на Вибер, лажно предупредува дека собирот е во организација на Цивил на Џабир Дерала и се повикуваат луѓето поради тоа да не излезат на собирот.
„Ова е чист случај на кампања за валкање и дезинформации каде што, со намерно искривување на фактите, заплашување и говор на омраза, се врши притисок и се прави јасен обид да се спречи граѓанското учество. ЦИВИЛ со години работи на мониторинг борба против дезинформациите, пропагандните операции и хибридните закани, но истовремено е и мета на кампањи за валкање, дезинформации и лажни наративи, како и закани со убиство. Наспроти нападите и заканите, ЦИВИЛ е организација што ужива голема доверба и поддршка од македонските граѓанки и граѓани од сите заедници, а со своите иницијативи и активности ужива и значаен регионален и меѓународен углед“ велат од Цивил.