Портокалите, грејпфрутите и другите членови на семејството на цитруси се најслатки и најсочни во зима, кога временските услови се идеални за нивно зреење. И тие изобилуваат со хранливи материи кои го поддржуваат вашиот имунолошки систем и му помагаат на вашето тело да заздрави.
Еден портокал содржи 83 милиграми витамин Ц, а една половина од црвен грејпфрут содржи околу 46. Овие две овошки може да ви помогнат да го достигнете дневно препорачаното ниво од 75 до 90 милиграми. Витаминот Ц се смета за суштинска хранлива материја бидејќи телото не може да го создаде само. Овој витамин помага да се формираат клетките што го сочинуваат имунолошкиот систем. Исто така, им помага на тие клетки во лоцирањето и борбата против инфекциите. Витаминот Ц придонесува и за зараснување на раните и растот на ткивата и го одржува здравјето на кожата, мускулите и на крвните садови.
Цитрусните овошја нема да ја излечат настинката, но може да придонесат таа пократко да трае. Нема докази дека витаминот Ц може да излечи сезонски болести, вели Алекс Којо Андерсон, професор по нутриционистички науки на Универзитетот во Џорџија. „Ако сега сте настинати и земате витамин Ц, тоа нема да има големо влијание“, рече тој.
Но, редовниот внес на препорачаната дневна доза на витамин Ц, вклучувајќи ги и деновите кога сте здрави, може да му помогне на вашиот имунолошки систем, што може да ја скрати должината на настинката. Една мета-анализа од 2013 година покажа дека консумирањето најмалку 200 милиграми витамин Ц дневно им помага на луѓето да ја исфрлат настинката за околу 8 проценти побрзо.
Цитрусните овошја исто така, можат да помогнат во намалување на воспалението. Хроничното воспаление може да го зголеми ризикот од рак, срцеви заболувања и дијабетес. Витаминот Ц во цитрусот е антиоксиданс кој помага да се ограничи ова воспаление, рече Кристијане Меирелес, диететичар и клинички вонреден професор на Факултетот за медицински сестри на Универзитетот во Тексас.