Циркуларна или корпорациска економија?

Викендов со колешката пишувавме еден интересен предлог проект што ми даде инспирација за денешната колумна. Стануваше збор за социјалните претпријатија и циркуларна економија, па неизбежно беше повторно да почнам да размислувам дали овој вид стопанисување е иднината наспроти традиционалното корпоративно стопанисување.

Кога бев дете мајка ми на мене и сестра ми ни шиеше облека, која во одреден период ми беше срам да ја носам затоа што не беше бренд. Од друга страна, најмногу се радував кога некој од странство ќе ни донесеше нешто со светки, пердуви и слични кинџурајки, да се изразам со јазикот на баба ми. Кога станав тинејџерка во време кога старата држава се распаѓаше, стана многу модерно да се оди на „шопинг во Грчка“ по Левис 501 и патики Најк! Сетоа тоа на нас децата пораснати во социјализмот ни беше нешто ново, примамливо и многу посакувано. Па можеше ли да се споредува рачно изработена облека со Левис, Наф Наф и слични популарни брендови од тоа време. Кога отидовме на апсолвентска екскурзија во Барселона за прв пат ја почуствував магијата на „добрите зделки“ и „огромните“ попусти. Потоа со децении бев воодушевена од преполните продавници и еден период главна забава ми стана купувањето и шетањето по големи трговски центри, а главни „деликатеси“ ми беа Мекдоналдс и Бургер Кинг. Нашиот ГТЦ во тоа време и сендвичите на Чичко Стоилко ни беа за греота, што би се рекло, и секое патување во странство беше прилика да се најде некој од многуте преполни трговски центри и да се седне во некој од ланците на брза храна. Па така како и останатите неколку милијарди жители на планетава и ние бевме лека полека вовлечени во светот на конзумеризмот и бевме воодушевени од корпорациската масовна продукција од облека до храна. Социјалните медиуми и алгоритмите кои управуваат со нив само ја поддржуваат и поттикнуваат оваа масовна конзумеристичка манија.

Занесена од целиот тој свет на сјај, шаренило и голем избор, баш и не се прашував што значи за природата и за човештвото таа ненаситна желба за нешто ново. Се додека каде и да се свртев не можев а да не го забележам грубата експлоатација на природата, ѓубрето во секоја долина или река. Постепено започнав да сфаќам дека масовното производство не ни дава избор туку ни предизвикува немир и неодлучност поради навидум големиот избор. Започнав полека да разбирам дека има повеќе задоволство во тоа да имаш една работа но да знаеш дека таа е направена со многу внимание, посветеност, љубов и знаење, и дека не е резултат на експолатација и страдање. Задоволството се зголемува ако знаеш дека со купување на продукти произведени од луѓе за кои тој промет претставува подадена рака и нова шанса, или ако знаеш дека се тоа е изработено без да се наштети на околината, без да се експлоатираат безмилосно природните ресурси, дека ниту еден дом на живо суштество не е уништен или дека после нивното искористување тие ќе може повторно да се употребат, пренаменат или рециклираат без да се наталожи како многугодишен отпад.

Додека корпорациските системи се насочени единствено кон профитот и успехот го мерат само преку тоа колку заработиле од ден на ден и од година во година и колку тежат нивните сметки, циркуларната економија е насочена кон ресурсите, да се произведе онолку колку што е реалната потреба, а успехот се мери по тоа што знаеш дека со тоа си спасил макар и едно дрво или едно живо суштество.  Се повеќе циркуларната економија се комбинира со социјално претприемништво, па со еден потфат ја штитиме и околината и поддржуваме промена во нечиј живот.

Материјалното е важно, но она материјално во вид на чиста река, зелена долина, здрава храна и среќни луѓе. Се надевам дека од година во година се повеќе луѓе ќе стануваат свесни за ова и ќе ги менуваат своите конзумеристички навики, свртувајќи се кон природното, кон човечкото. Пробајте и наместо да купите ново парче облека може да пробате некој нов специјалитет подготвен од луѓе со посебни потреби, но и исклучителни способности. Или наместо некоја дампинг роба, да купиме предмет изработен од реупотребни или рециклирани материјали од луѓе маргинализирани во општеството, но надарени од природата.

Важно е да конзумираме толку колку што навистина ни треба, а не онолку колку што посакуваме. Затоа што човечкото око лесно станува ненаситно. Не е тешко, само треба малку да се потрудиме и можеме да бидеме тие што се грижат за ресурсите и за луѓето, наместо за профит и предмети!

Авторката е правничка и активистка за заштита на човековите права

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни