,,Циклус 19 “ на Христина Зафировска во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево

На 13 Јуни со почеток од 18 часот во фоајето од Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево ќе се одржи изложбата со наслов „Циклус 19 “ на Христина Зафировска.

Академската сликарка Христина Зафировска, преку својот циклус од 19 дела на тема „Ковид“, на апстрактен и сликовит начин ни го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата.

Целиот серијал од 19 епизоди кои се тесно поврзани меѓу себе го интерпретира биолошкиот кружен строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување. Нејзиниот концентриран фокус покажува кон спремност за експериментирање со нови фантастични облици, кои ќе бидат пандан на фигуративната структура на вирусот кој прерасна во реална закана врз човештвото во 21 век.

Христина Зафировска е родена во Скопје 1983 година. Завршува средно уметничко училиште на одсек применето сликарство. Дипломира на Факултетот за ликовна уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на смер-сликарство со графички дизајн. Моментално е магистрант на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн.

Во 2009 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.Таа е една од основачите на уметничката група и уметничкиот простор „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“ во Скопје, основано 2009 година; исто така е една од основачите и член на уметничката група „МОМИ“ која почнува од 2012 година со активна реализација на проекти низ земјава и Балканот. Работи во полето на сликарството, графичкиот дизајн, мозаикот, ѕидното сликарство, инсталацијата, сценографијата, цртежот, фотографијата и видеото и активно учествува на локални и регионални проекти, погранични соработки од областа на културата. Дел е од многубројни проекти, саеми на уметност, симпозиуми, резиденции, фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот, низ Европа и пошироко.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни