Силна зимска бура донесе обилен снег, урагански ветрови, снежни наноси и опасно ниски температури во југоисточниот дел на Соединетите Американски Држави.
Системот на низок притисок покрај источниот брег во текот на ноќта се развил во таканаречена експлозивна циклогенеза, позната и како „циклонска бомба“ – редок и брзо зајакнувачки тип зимска олуја, соопшти американската Национална метеоролошка служба.
Рекордни снежни врнежи во Северна Каролина
Во сојузната држава Северна Каролина паднатото количество снег е меѓу најголемите од почетокот на метеоролошките мерења.
До неделата наутро, во некои крајбрежни области биле измерени повеќе од 25 сантиметри снег, а во градот Шарлот ова бил четвртиот најснежен ден во последните речиси 150 години. Олујата ги погоди и Јужна Каролина, како и делови од Џорџија и Вирџинија.
Опасен студ и рекордно ниски температури на Флорида
Подалеку кон југ, по повлекувањето на бурата, навлегол арктички студен воздух, што предизвикал невообичаени временски појави.
Метеоролозите регистрирале нови температурни рекорди за февруари на Флорида, каде што во некои подрачја температурите паднале под нулата, дури и во делови од јужна Флорида. Според метеоролошката служба, вакви температури последен пат биле забележани кон крајот на 1980-тите години.
Властите предупредија на животно загрозувачки услови поради студениот ветер, кој создава чувство на уште пониска температура и значително го зголемува ризикот од хипотермија и смрзнатини.
Втора силна олуја по ред
Оваа олуја доаѓа само една недела по претходниот бран екстремен студ и обилни снежни врнежи, кога во неколку сојузни држави загинаа најмалку 85 лица.
Стотици илјади домаќинства сè уште се без електрична енергија и греење. До неделата наутро, нови прекини во снабдувањето погодиле повеќе од 150.000 домаќинства и компании, најтешко во Мисисипи и Тенеси.
Хаос во сообраќајот и авио-индустријата
Поради лошите временски услови, авионскиот сообраќај е сериозно нарушен. Во неделата биле откажани повеќе од 1.100 летови, откако претходниот ден биле откажани околу 2.500 летови.
Американските медиуми известуваат и за бројни сообраќајни несреќи, доцнења во доставата и проблеми поради поледица и замрзнати патишта.
