Поплавите од циклонот Борис пустошат низ Европа. Бројот на жртвите попладнево се зголеми на 15 лица. Ова се најголемите поплави во последните две децении на подрачјето од Австрија и Чешка. Во Чешка се евакуирани повеќе од 12 000 лица, а четвртина од домаќинствата се без струја.
Во Романија шест лица починаа во поплавите, додека во Австрија настрадале пожарникар и две лица на возраст од 70 и 80 години. Полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека владата планира да прогласи состојба на природна катастрофа во југозападните провинции на земјата. Многу жители чекаат до последен момент да ги напуштат своите домови, ризикувајќи го своето здравје и живот.
На Будимпешта и се заканува најголемата поплава во последната деценија поради огромниот пораст на водостојот на реката Дунав, а градоначалниот веќе издаде соопштение дека се подготвуваат за претстојната катастрофа. Подготвени се милион вреќи со песок, а се очекува големиот воден бран да стигне утре наутро. Се затвораат за движење кејовите и се дислоцираат возилата. Активен е трет степен на тревога од поплави, долж сите потенцијално опасни сектори покрај реката Дунав.
Прогнозите велат дека водостојот на Дунав ќе го достигне и ќе го надмине нивото на водата од 2013 година, кога Будимпешта беше погодена од невидени поплави.
Австриската влада ја прогласи целата покраина околу главниот град Виена и на границата со Чешка за област на катастрофа. Сообраќајот е делумно затворен, училишта се во вонредна состојба, многу улици се затворени а до некои згради можело да се стигне само со чамец.