Тропскиот циклон Алфред откри историски бродоломи долж источниот брег на Австралија и долго закопани поморски остатоци во Нов Јужен Велс и Квинсленд. Во Балина, во северниот дел на Нов Јужен Велс, под песокот е откриено она што се верува дека се остатоци од парабродот „Комета“ кој потонал во 1890 година.
Кустосот на поморскиот музеј Балина, Рон Кребер, рече дека областа е позната како „гробишта на потонати бродови“, со дури 64 такви случаи регистрирани долж брегот и во реката Ричмонд.
„Тоа е претпоставка во овој момент, но мислам дека најновото откритие е Кометата, дрвен параброд што потонал на реката Ричмонд во март 1890 година“, рече Кребер. Тој додаде дека делови од остатоците накратко се појавиле во октомври минатата година, но сега се дефинитивно повидливи од кога било, бидејќи песокот што ги криел повеќе го нема.
Оние кои се љубопитни, како и експертите, веќе започнаа различни истражувања и обиколки. Затоа експертите стравуваат дека историски значајниот локалитет ќе биде уништен.
Портпаролот на Одделот за климатски промени, енергија, животна средина и вода ја повика јавноста „да се восхитува на новата глетка од далечина“.
Во Нов Јужен Велс, потонатите бродови се заштитени со закон, со казни до 1 милион долари за нивно оштетување.
Освен бродот „Комета“, невремето северно од бродот откри и дели ов „СС Дики“ на плажата Саншајн. Остатоците од тој брод беа закопани од безбедносни причини во 2015 година.
„СС Дики“, параброд кој патувал од Рокхемптон до Бризбејн во 1893 година, бил принуден да застане на споменатиот брег поради силните бурни ветрови, каде што останал.
Џон Гроувс, историчар и коавтор на книга за потонати бродови, рече дека локацијата е важен дел од локалното наследство. „Тоа е единствената плажа за сурфање во Австралија именувана по бродолом“, рече Гроувс.
Фотографката Трејси Кили, која со години фотографирала бродоломи, рече дека и е драго што ги видела скриените остатоци од бродови како излегуваат.
Tropical Cyclone Alfred wrecked Gold Coast beaches south of Brisbane, Queensland. 😱 #CycloneAlfred #zelena #eceguerel #GrandeFratello #LCDLFAllStars #zeudi #helena #yulioli #helevier #tommavi #shailenzo #UFC313 pic.twitter.com/Q9rhkzfYss
— 24/7WeatherPhenomenaObserver (@24weather24) March 9, 2025
Циклонот Алфред предизвика широко распространета крајбрежна ерозија долж источниот брег на Австралија, а поморските експерти велат дека поместувањето на песокот може да открие повеќе бродоломи.
Кребер истакна дека областа Бајрон, која претрпе значителна ерозија, исто така може да биде место од каде што ќе „излезат“ бродови.
Алфред продолжува да ги погодува Квинсленд и Нов Јужен Велс со обилни врнежи, а предупредувањата за поплави се на сила, со околу 300.000 луѓе во опасност.