Најавениот циклон со центар над Јонско Море и јужниот Јадран постепено се формира и се интензивира. Во следните часови тој ќе започне да ја зафаќа Македонија, при што се очекуваат нови врнежи од дожд и снег, формирање на нова снежна покривка, засилен северен ветер и значително заладување.
Во моментов, од југ и југозапад облачноста е во пораст, а врнежите, како што беше најавено, наскоро ќе започнат низ поголем дел од земјата.
На одредени патни правци кои минуваат низ усеци и клисури можна е појава на поситни одрони, поради што се препорачува внимателно движење.
Дежурните екипи на ЈП „Македонијапат“ се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.
