Централната разузнавачка агенција на САД (CIA) во вторникот јавно им понуди поддршка на потенцијалните информатори во Иран, објавувајќи насоки на персиски јазик за безбеден контакт со американската служба. Потегот доаѓа во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп размислува за можни воени удари и додека односите меѓу Вашингтон и Техеран повторно се заоструваат.
Објавата е дел од поширока кампања за регрутација на повеќе јазици, вклучително корејски, руски и мандарински, преку која CIA нуди сигурни канали за комуникација. Сепак, пораката на персиски јазик доаѓа во особено чувствителен период, кога иранските власти се соочуваат со нов бран протести во земјата.
САД во меѓувреме распоредија значителни воени сили на Блискиот Исток, а тензиите со Иран дополнително се зголемија. Трамп претходно се закани со воена акција како одговор на задушувањето на протестите, а фокусот подоцна го префрли на спорната иранска нуклеарна програма, предупредувајќи го Техеран да постигне договор. Нова рунда нуклеарни преговори е најавена за оваа седмица.
Во понеделникот студенти организираа антивладини протести на универзитети во Техеран, што укажува на продолжување на внатрешните немири.
„Здраво. Централната разузнавачка агенција ве слуша и сака да помогне“, се наведува во пораката на CIA, според англиски превод. „Еве неколку совети како да воспоставите безбеден виртуелен контакт со нас.“
Објавата на персиски јазик за само неколку часа собра милиони прегледи.
Директорот на CIA, претходно изјави дека слични кампањи вклучително и оние на мандарински даваат резултати, иако агенцијата не открива дали довеле до конкретни информации или нови извори.
Во насоките се препорачува користење виртуелна приватна мрежа (VPN) за заобиколување на интернет-ограничувањата и надзорот, како и употреба на еднократни уреди што тешко може да се поврзат со корисникот. Потенцијалните информатори се советуваат да користат приватни интернет-прелистувачи и да ја бришат историјата на пребарување.
Упатствата вклучуваат начини за контакт преку официјалната веб-страница на CIA или преку т.н. „даркнет“, дел од интернетот до кој се пристапува со специјални алатки за прикривање на идентитетот.
Претставник на иранската мисија при Обединетите нации засега не одговорил на барањето за коментар во врска со новата објава.