Центрите за податоци со вештачка интелигенција ги враќаат во функција застарените  електрани

Брзиот раст на центрите за податоци што ја напојуваат вештачката интелигенција (AI) принудува електроенергетските системи во САД повторно да активираат застарени и силно загадувачки електрани, познати како „пикер“ капацитети, постројки кои првично биле наменети да работат само во кратки периоди на екстремна побарувачка за струја.

Еден од највпечатливите примери е електраната Fisk Power Station во работничката населба Пилсен во Чикаго. Овој објект, чија историја датира повеќе од еден век, требаше да биде трајно повлечен од употреба во 2026 година. Но наглото зголемување на побарувачката за електрична енергија од AI дата-центри ја направи неговата работа повторно економски исплатлива.

Сопственикот на постројката, енергетската компанија NRG Energy, соопшти дека ја повлекла одлуката за пензионирање на осумте пикер-единици на „Фиск“, откако цените на струјата во најголемиот американски пазар, PJM Interconnection, нагло пораснале поради побарувачката од центрите за податоци.

„Постои јасна економска логика овие капацитети да останат во функција“, изјави Мет Пистнер, висок потпретседател за производство во NRG Energy.

Што се пикер-електрани и зошто се проблематични

Пикер-електраните се дизајнирани да се вклучуваат само во кратки временски интервали за да спречат прекини во снабдувањето со струја. Но тие имаат сериозна мана: често се стари неколку децении, работат на нафта, гас или јаглен и испуштаат значително повеќе загадувачки материи по произведен мегават електрична енергија од стандардните електрани.

Според анализа на Ројтерс, околу 60 проценти од електраните на нафта, гас и јаглен во рамки на PJM кои требало да бидат затворени, ја одложиле или целосно ја откажале таа одлука во текот на 2025 година. Најголемиот дел од нив се токму пикер-капацитети.

Удар врз сиромашните и малцинските заедници

Проблемот добива и социјална димензија. Истражувањата покажуваат дека пикер-електраните непропорционално често се лоцирани во сиромашни населби и заедници на етнички малцинства. Во Пилсен, населба со долга историја на индустриско загадување, затворањето на старата јагленска електрана пред повеќе од една деценија доведе до драматично подобрување на квалитетот на воздухот но не и до негово целосно прочистување.

„Тоа не се занемарливи количини на загадување, особено со ниски оџаци и домови во непосредна близина“, предупредуваат еколошките организации.

Студија од 2022 година покажа дека жителите на поранешни „redlined“ населби – области кои историски биле дискриминирани во пристапот до финансиски услуги, имале 53 проценти поголема веројатност во нивна близина да биде изградена пикер-електрана по 2000 година.

AI ја напрега електричната мрежа

AI дата-центрите се меѓу најголемите потрошувачи на електрична енергија во современата економија. Тие работат 24 часа на ден и бараат стабилно и огромно количество струја. Во PJM, кој опфаќа 13 американски сојузни држави и е најголемата електрична мрежа во земјата, резервите за итни случаи веќе се под сериозен притисок.

Цените што им се плаќаат на производителите на струја за да бидат подготвени во моменти на врвна побарувачка пораснале за повеќе од 800 проценти во однос на минатата година, што ги направи пикер-електраните исклучително профитабилни.

„Последна линија на одбрана“

Од NRG Energy тврдат дека ваквите капацитети се неопходни за стабилноста на мрежата, не само поради AI, туку и поради електрификацијата на индустријата, транспортот и сè поекстремните временски услови.

„Тие се последната линија на одбрана и амортизерот на системот“, вели Пистнер. „Кога се потребни, нема алтернатива.“

Енергетските експерти, пак, предупредуваат дека постојат други решенија: инвестиции во преносни мрежи, батериски системи за складирање енергија и побрзо приклучување на чисти извори. Но додека тие алтернативи не станат реалност, растот на вештачката интелигенција значи дека многу заедници, како Пилсен, повторно ќе мора да живеат со последиците од „валканата“ енергија.

„Сè се собира, повисоки сметки за струја, повеќе локално загадување и забавување на транзицијата кон чиста енергија“, предупредуваат аналитичарите.

Извор:Reuters

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни