Две часа пред новото поскапување на горивата, скопјани се соочија со долги колони пред бензинските пумпи, а возачите покажаа нервоза и брзање да наполнат резервоари. Метежот и зголемената фреквенција на возила беа првата реакција на ценовниот удар кој го донесе новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).



Од полноќ, дизелот поскапува за 14,5 денари по литар, бензините се поскапуваат за по 5 денари, а екстра лесното масло за домаќинство ќе се продава за 12,5 денари повеќе по литар.
Ова значајно поскапување дополнително го оптоварува семејниот буџет, како и компаниите и превозниците, бидејќи секое ново покачување директно се прелева врз цените на превозот, храната и услугите.
Граѓаните и експертите предупредуваат дека новите цени ќе создадат ефект на „доминантно поскапување“ низ сите сектори, што уште повеќе ќе го почувствуваат оние со пониски примања.