Цените на нафтата на светските пазари силно пораснаа во утрово, откако инвеститорите реагираа на ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Иран. Трговците стравуваат дека војната би можела да излезе од контрола и да предизвика сериозни нарушувања во глобалното снабдување со енергенси.
Цената на барел на лондонскиот пазар скокна за повеќе од 8,5 проценти и достигна 79,10 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 8,1 процент, на 72,40 долари.
Порастот следи по серијата воздушни напади на САД и Израел врз Иран во саботата, при што беа убиени врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи и други високи функционери на Исламската Република. Засега не е јасно кој ќе ја преземе власта во земјата, која е четврти најголем производител на нафта во рамките на ОПЕК.
Понатамошната реакција на пазарот ќе зависи од тоа дали конфликтот ќе предизвика долготрајни нарушувања во сообраќајот низ Ормускиот Теснец – најважната поморска точка во светот за глобалната трговија со нафта.
По нападите, Иран лансираше ракети кон Израел и неколку други земји во регионот, како и во правец на Ормускиот Теснец, што дополнително ги засили стравувањата од поширока регионална криза.