Цените на нафтата скокнаа над 70 долари поради страв од американски напад врз Иран

Цените на нафтата пораснаа над 70 долари поради страв од можен американски напад врз Иран и закани по снабдувањето од Блискиот Исток.

Цените на нафтата во четвртокот нагло пораснаа на меѓународните пазари, надминувајќи ја границата од 70 долари за барел, поттикнати од стравувањата на инвеститорите од можен американски напад врз Иран и закани по снабдувањето од Блискиот Исток.

На лондонскиот пазар, со барел сурова нафта по пладне се тргуваше по цена од 70,30 долари, што е за 1,90 долари повеќе во однос на затворањето на тргувањето претходниот ден. На американскиот пазар, барелот поскапе за 1,78 долари, достигнувајќи цена од 64,99 долари.

Пазарите оваа недела се под притисок поради заострувањето на реториката на САД кон Иран и зголемените геополитички тензии во регионот.

Трамп го повикува Иран на преговори

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот му порача на Техеран дека е „крајно време“ да се постигне договор за иранската нуклеарна програма. Американската војска, пак, минатиот викенд соопшти дека ќе спроведе воена вежба во блискоисточниот регион со цел, како што наведоа, да се демонстрира способноста за распоредување и одржување воена сила.

Во понеделникот, извори за Reuters потврдија дека во регионот пристигнал носачот на авиони USS Abraham Lincoln, како и неколку разурнувачи опремени со наведувани ракети. Неименуван американски функционер изјави дека САД се „подготвени за разговор“ доколку Иран сака да воспостави контакт.

Трамп дополнително го зголеми притисокот врз Иран преку објава на платформата Truth Social, наведувајќи дека се надева оти Техеран „брзо ќе седне на преговарачка маса“. Во јуни минатата година, САД заедно со Израел извршија напади врз ирански нуклеарни постројки и воени цели, на што Иран возврати со напади врз цели во Израел и американска воена база во Катар.

Страв од нарушување на снабдувањето со нафта

Загриженоста на пазарите е поврзана со можни нарушувања во глобалното снабдување со нафта. Иран произведува околу 3,3 милиони барели дневно, од кои приближно 1,5 милиони барели извезува. Потенцијален конфликт би можел да доведе до затворање на Ормускиот теснец, преку кој дневно минуваат околу 20 милиони барели нафта, што би имало сериозни последици за светските пазари.

Обединетите Арапски Емирати предупредија дека нема да го отстапат својот територијален простор за напади врз Иран, став кој го поддржа и Саудиска Арабија. Турција, пак, порача дека се спротивставува на странска воена интервенција во Иран и изрази подготвеност да посредува.

Неименуван ирански функционер изјави за Reuters дека Техеран „се подготвува за можен воен судир, но истовремено ги користи дипломатските канали“, додавајќи дека Вашингтон, според неговите зборови, не покажува доволна отвореност за дипломатија.

Претседателот на иранскиот парламент, Багер Галибаф, во изјава за CNN во средата рече дека Иран не се противи на дијалог со САД, но дека тој мора да се темели на заемно почитување, јасни гаранции и заштита на националните интереси. „Дипломатијата комбинирана со воен притисок ја губи својата веродостојност“, истакна Галибаф.

Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во петок треба да ја посети Анкара, каде ќе се сретне со турскиот министер Хакан Фидан.

Одделни пресметки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) покажуваат дека барелот од кошничката на нафтата на земјите членки во средата поскапе за 1,63 долари, достигнувајќи 65,13 долари, што е највисоко ниво од почетокот на ноември минатата година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни