Цените на нафтата денеска забележаа значителен раст на меѓународните пазари, приближувајќи се до 66 долари за барел, откако трговците беа вознемирени од новите закани на американскиот претседател Доналд Трамп кон Иран. На лондонскиот пазар, барелот попладнево се тргуваше по цена за 1,79 долари повисока од претходниот ден, достигнувајќи 65,85 долари, додека на американскиот пазар цената се зголеми за 1,72 долари, на 61,08 долари.
Ново заострување на односите со Иран предизвика загриженост на пазарот поради изјавата на Трамп дека американската „армада“ е на пат кон Иран, со што повторно се обновија заканите за можна воена интервенција, додека во Иран се одвиваат немири во повеќе градови. Неименуван американски официјален претставник потврди дека станува збор за група која вклучува носач на авиони и повеќе разурнувачи кои во следните денови би требало да пристигнат на Блискиот Исток.
Иран произведува повеќе од три милиони барели нафта дневно, при што најголемиот дел од извозот оди во Кина, па секоја закана за стабилноста на регионот директно влијае врз цените на пазарот. Новите американски пораки кон Иран го потиснаа намалувањето на тензиите меѓу САД и Европската унија, кои неодамна се заострија поради изјавите на Трамп за Гренланд. Според податоците на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), барелот на нивната кошничка поскапел за 27 центи, достигнувајќи 63,21 долари.
