Цените на нафтата во понеделникот значително паднаа на меѓународните пазари, откако инвеститорите беа охрабрени од сигналите од Вашингтон и Техеран за можни преговори, кои би можеле да ја намалат заканата за глобалното снабдување со енергенси.
На лондонскиот пазар, цената на барелот по пладне се намали за 3,34 долари во однос на затворањето на тргувањето на крајот од минатата недела и изнесуваше 65,98 долари. На американскиот пазар, барелот поевтини за 3,31 долар, достигнувајќи цена од 61,90 долари.
Пазарите се смируваат на почетокот на неделата
На почетокот на новата трговска недела, пазарите ги смирија најавите дека Иран и САД би можеле да седнат на преговарачка маса, што ја намали загриженоста за можно нарушување на испораките на нафта од Блискиот Исток.
САД во меѓувреме распоредија група воени бродови на Блискиот Исток, при што американскиот претседател Доналд Трамп му порача на Техеран што поскоро да започне преговори за нуклеарен договор.
Во јуни минатата година, САД заедно со Израел извршија напади врз нуклеарни постројки и воени цели во Иран. Техеран возврати со напади врз цели во Израел и врз американска воена база во Катар.
Се подготвуваат преговори
Кон крајот на минатата недела, Трамп изјави дека Иран „сериозно разговара“, додека високиот ирански функционер за безбедност, Али Лариџани, потврди дека започнале подготовки за преговори.
И Техеран, според изјавата на портпаролот на Министерството за надворешни работи Есмаил Багаеи, сака разговорите да започнат што е можно побрзо, со цел да се укинат американските санкции, под кои Иран се наоѓа со децении.
Неименуван ирански функционер и западен дипломат изјавиле за Ројтерс дека специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи би можеле да се сретнат во наредните денови во Турција.
Анкара веќе изрази подготвеност да посредува. „Ги повикуваме двете страни на преговарачка маса“ за да се решаваат отворените прашања „едно по едно“, изјави минатата недела турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
Страв од блокада на Хормушкиот Теснец
Пазарите стравуваат дека Иран, во случај на нов американски напад, би можел да го блокира Хормушкиот Теснец, низ кој дневно поминуваат околу 20 милиони барели нафта.
Одделни пресметки на ОПЕК покажуваат дека цената на барелот од кошницата на нафта на земјите членки во петокот изнесувала 67,03 долари, приближно на исто ниво како и ден претходно.
