Меѓународната агенција за енергија (IEA) ги повика земјите од групата Г7 координирано да пуштат нафта од стратешките резерви со цел да се стабилизира пазарот, изјави јапонската министерка за финансии Сацуки Катајама.
Според информации на Financial Times, американски претставници сметаат дека на пазарот би требало да се пуштат меѓу 300 и 400 милиони барели нафта од резервите.
Земјите членки на IEA располагаат со повеќе од 1,24 милијарди барели нафта во државни резерви, додека дополнителни 600 милиони барели се наоѓаат во индустриски резерви. Овие количини би можеле да покријат речиси еден месец од вкупната побарувачка за нафта во земјите членки или повеќе од 140 дена нето увоз.
По одржаниот состанок, министрите за финансии на Г7 соопштија дека се подготвени да преземат „неопходни мерки“ за да ја поддржат глобалната енергетска снабденост, вклучително и можноста за пуштање на стратешките резерви.
Состанокот се одржа додека војната на Блискиот Исток трае веќе десет дена и значително влијае врз цените на нафтата и гасот.
Една од главните теми на разговорите била и блокадата на Ормускиот теснец, преку кој минува речиси една петтина од светската нафта и течен природен гас.
По американско-израелските напади врз Иран, Техеран возврати со ракетни и дрон напади врз Израел и американски бази во регионот, а иранските власти најавија и контрола врз теснецот, забранувајќи премин на бродови поврзани со САД, Израел и европските земји.
Осигурителните компании веќе го откажаа осигурувањето за бродови што пловат во регионот, а некои големи производители ја намалија испораката на нафта.
Поради стравувањата дека конфликтот може да трае подолго, цените на нафтата на лондонскиот пазар во понеделникот пораснаа за повеќе од 25 проценти и достигнаа највисоко ниво од средината на 2022 година.
Францускиот министер за финансии Ролан Лескур изјави дека одлука за пуштање на резервите сè уште не е донесена, но дека земјите се согласиле да ги искористат сите расположливи алатки за стабилизација на пазарот доколку тоа биде потребно.
Во меѓувреме, владите внимателно ја следат ситуацијата и засега нема сериозни нарушувања во снабдувањето со енергенси во Европа и САД.