Цените на нафтата на светските берзи забележаа благ пораст и втора недела по ред, иако кон крајот на неделата дел од добивките беа изгубени поради очекувања за намалена побарувачка по завршувањето на летната сезона.
Во Лондон, цената на барел нафта порасна за 0,6% и достигна 68,12 долари. На американскиот пазар, барел се тргуваше за 64,01 долар, што е раст од 0,5%.
Цените беа поддржани од нападите врз руски нафтени терминали и падот на залихите во САД, но загубија моментум поради сезонското намалување на побарувачката.
Во фокус е и претстојниот состанок на ОПЕК+, на кој ќе се разговара за идното ниво на производство. Пазарот внимателно ги следи и односите меѓу Индија и САД, бидејќи Вашингтон врши притисок врз Њу Делхи да го прекине увозот на руска нафта. Индија засега ги игнорира барањата и се очекува да го зголеми увозот во септември.