Како и претходниот ден, најпогоден е автомобилскиот сектор, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување царини од 25 проценти за увоз на сите автомобили што не се произведени во САД. Поради тоа, берзанските индекси на Волстрит веќе втор ден по ред бележат пад.
Страв од ескалација на трговската војна
Инвеститорите се загрижени и поради најавата дека Трамп ќе воведе реципрочни царини за увоз од сите земји што наплаќаат царини за американски производи. Неговата непредвидлива трговска политика создаде несигурност на глобалните берзи, бидејќи инвеститорите се плашат од нарушување на синџирите на снабдување и зголемување на инфлацијата, што би можело негативно да влијае врз економскиот раст.
Покрај тоа, многу земји најавија контрамерки како одговор на американските царини, што дополнително ја зголемува загриженоста за можноста од трговска војна.
Доларот стагнира, цените на нафтата благо паднаа
На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути останува непроменета. Индексот на доларот утринава се движи околу 104,32 поени, исто како и претходниот ден.
Курсот на доларот во однос на јапонскиот јен порасна од 150,15 на 150,85 јени, но американската валута ослабе во однос на еврото, кое сега изнесува 1,0790 долари, за разлика од вчерашните 1,0775 долари.
Цените на нафтата бележат мал пад. На лондонскиот пазар, барелот нафта утринава поевтини за 0,24 проценти, на 73,85 долари, додека на американскиот пазар падна за 0,27 проценти, на 69,75 долари.
Златото со историски рекорд
Цената на златото, кое се смета за безбедно прибежиште за капитал во несигурни времиња, продолжи да расте и утринава достигна нов рекорд – 3.073 долари за унца. Од почетокот на годината, златото поскапе за повеќе од 17 проценти, што го носи кон најголемиот квартален скок од 1986 година.