Цената на златото достигна историски рекорд, експертите најавуваат нов раст

Цената на златото во средината на октомври достигна 4380 долари за унца, што претставува највисоко ниво во историјата, објави агенцијата Хина.

Во изминатата година цената на златото номинално порасна за повеќе од 55 проценти, поттикната од геополитички тензии, инфлација и зголемена побарувачка од Азија, како и од големи купувања на централните банки.

Златото традиционално се смета за „сигурно прибежиште“ во време на економска неизвесност, а во последните месеци дополнителен подем му донесоа очекувањата за пониски каматни стапки и ослабувањето на американскиот долар, што го прави уште попривлечно за инвеститорите.

Според аналитичарите, сите овие фактори се меѓусебно поврзани и укажуваат дека вредноста на златото би можела и понатаму да расте, особено ако се продлабочат инфлаторните и политичките кризи.

Прогнози: до 4900 долари за унца во 2026 година

Инвестициската банка Goldman Sachs на 7 октомври 2025 година ја ажурираше својата прогноза, зголемувајќи ја целната цена на златото на 4900 долари за унца до декември 2026 година.
Главна причина за ревизијата е очекуваното масовно купување од страна на централните банки, особено во Кина и Индија, кои сакаат да ги диверзифицираат своите девизни резерви.

Според банката, централните банки би можеле да купат просечно 80 тони злато во 2025 година и 70 тони во 2026 година, што ќе биде главен поттик за понатамошен раст на цената.

Аналитичарите предупредуваат дека нема реална основа за пад на цената во наредните години, иако историски гледано би требало да се појави одредено заситување на пазарот.

Кој има најголеми златни резерви?

Истражување на Светскиот совет за злато покажува дека 95 проценти од гувернерите на централните банки очекуваат раст на глобалните златни резерви во текот на оваа година, а 43 проценти планираат да ги зголемат и сопствените резерви.

Најголеми количини злато поседуваат:

САД – 8133 тони

Германија – 3350 тони

Италија – 2451 тон

Франција – 2437 тони

Потоа следат Русија, Кина, Швајцарија, Јапонија, Индија и Холандија.

Дел од аналитичарите сметаат дека Кина во реалност има значително поголеми резерви отколку што официјално пријавува, бидејќи дел од купувањата ги врши преку посредници и не ја прикажува сопствената рударска продукција.

И ММФ меѓу најголемите сопственици

Големи количини злато поседува и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) – околу 2814 тони, односно 90,5 милиони унци.

Најголемиот дел од ова злато ММФ го добил при неговото основање, кога земјите-членки уплатиле 25 проценти од своите квоти во злато, а значаен дел од каматите на кредитите подоцна исто така бил исплаќан во злато.

Со оглед на трендовите, експертите предупредуваат дека златото и понатаму ќе остане клучен инструмент за заштита на капиталот – особено во време на зголемена глобална неизвесност.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни