Цените на златото се зголемија за повеќе од 28 отсто оваа година, поттикнати од силната побарувачка од централните банки и инвеститорите во период на зголемени геополитички тензии, објави Светскиот совет за злато (WGC).
„Годинава со златото се тргуваше по просечна цена од 22 отсто повисока од лани, а во третиот квартал вкупната побарувачка за прв пат надмина 100 милијарди долари“, соопшти WGC.
Како што проценуваат, цените треба да растат и во следната година, но по „умерено“ од годинава, пренесува Хрпортфолио.
„Побарувачката за инвестиции оваа година беше поттикната од геополитичките ризици и остри флуктуации на бројните регионални финансиски пазари“, објаснуваат од WGC.
Исто така, треба да се додаде дека во поголем дел од третиот квартал, западните инвеститори се вратија на златото, откако централните банки почнаа да ги намалуваат клучните каматни стапки.
Централните банки продолжија да ги полнат резервите со злато, зголемувајќи го темпото на откуп во октомври, а трендот ќе продолжи и во наредната година.
„Побарувачката во Кина и Индија, најголемите пазари на злато во светот, треба да биде силна и во наредната година“, додава WGC.