Цената на правдата – нов истражувачки документарен филм на ИРЛ

„Истражувачка репортерска лабораторија вчера го објави новиот истражувачки документарен филм „Редакција: Цената на правдата“, кој открива сериозни неправилности во работењето на Вишото јавно обвинителство Скопје и начини на кои високо профилирани судски предмети можат да завршат без судска разрешница.

Истражувањето се темели на Извештај од надзор врз работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, сведоштва од вработени во институцијата и анализа на конкретни судски предмети. Документите покажуваат како преку манипулации со административни процедури и обвинителска дискреција може да се влијае врз текот на судските постапки и да се попречи судската контрола врз одлуките.

Меѓу клучните наоди од истражувањето е дека во институцијата се манипулирало со службената трага за прием на предмети. Надзорот утврдил дека на поштата од Апелацискиот суд немало приемен штембил – единствениот формален доказ дека документ е примeн. Наместо тоа, датумите биле бележани рачно, што отвора простор да се контролира кога предмет формално влегол во системот и да се влијае врз роковите и редоследот на постапување.

Дополнително, надзорот утврдил дека предмети не се заведувале во законскиот рок, туку со денови биле задржувани пред да влезат во системот. Со тоа се создавал простор да се влијае врз распределбата на предметите и да се насочат кон одреден обвинител.Во извештајот се наведуваат и индиции за притисок врз службениците во обвинителството за распределба на „жешки“ предмети кај конкретен обвинител. Во предметот „Серта“, службеничка сведочела дека шефот на Вишото обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, дал насока предметот да биде доделен кај обвинителот Јован Цветановски.

Надзорот анализирал 39 случаи во кои виши обвинители се откажале од жалба или се повлекле од обвинение. Во четири од нив биле утврдени основи за кривично дело непрофесионално и нестручно постапување на обвинител. Во сите четири случаи обвинителот кој се откажал од жалбата или се повлекол од обвинението бил Јован Цветановски.Кога вишиот обвинител се откажува од жалба или се повлекува од обвинение, Апелацискиот суд веќе нема можност да ја разгледува жалбата. На тој начин, судските предмети можат да завршат без судска корекција на одлуката.

Во предметот „Поштенска банка“, откажувањето од жалбата било оценето како сомнително, бидејќи според надзорот не постоеле јасни причини за затворање на случајот. Во случајот „Серта“, пак, Врховниот суд подоцна констатирал повреда на законот што можела да биде исправена доколку обвинителството не се откажело од жалбата.

Во случајот познат во јавноста како „Тревник“ за бесправно градење во скопско Зелениково на Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа, преку надзорот се констатираше дека виш обвинител не постапил по насоки добиени на колегиум, кои се задолжителни. Последниот случај е за „Точење алкохол на дете“. И во овој предмет, вишиот обвинител се откажал од обвинение. Еден од обвинетите е лице кое признало вина во случајот „Синџир“ за даночно затајување.

Истражувањето исто така открива притисоци и закани врз вработени во институцијата, како и индиции за медиумски кампањи насочени кон дискредитација на новинари, сведоци и обвинители кои се обидувале да ги откријат неправилностите.

„Работата на ова истражување беше проследена со јавен линч, закани и обиди за заплашување на новинарите на ИРЛ коишто во моментов се предмет на истрага на Јавното обвинителство во Скопје за што се повикуваат сведоци и осомничени на разговори. Во текот на 12-те месеци додека го подготвувавме проектот, две новинарки од ИРЛ добија едномесечно физичко обезбедување по јавни закани од лица засегнати од истражувањето.

Информации за тоа дека ги истражуваме добиваа од вработени во судовите и обвинителствата, по што следуваа координирани медиумски напади, вклучително и од новинарот Драган Павловиќ Латас“, изјави главната уредничка на ИРЛ, Сашка Цветковска.

Реакција на обвинителот Јован Цветановски

По објавување на документарниот филм со реакција до медиумите се огласи јавниот обвинител Јован Цветановски. Нему му беше понудена можност за снимено интервју, но тој одби и на прашањата на ИРЛ достави писмен одговор. Делови од неговиот став беа вклучени во документарниот филм, додека интегралниот одговор е објавен на интернет страницата на ИРЛ.Во реакцијата Цветановски наведува дека сторијата е еднострана и претставува напад врз неговиот личен и професионален интегритет.

„Оваа сторија ја сметам како директен притисок врз мене се со цел да се заштитат од одговорност одредени обвинители кои постапувале по наведените предмети, но и да се спречи можноста во иднина обвинителството во една редовна процесна постапка да се утврдат и други незаконити постапувања во други предмети во кои им се нарушени законските права на учесниците во кривичните постапка.“, пишува во дописот до медиумите обвинителот Јован Цветановски.

Тој најави дека доколку ИРЛ не се огради од наводите за него во сторијата тој ќе побара судска заштита преку граѓанскиот суд за нанесени клевети. Редакцијата на ИРЛ му одговори на Цветановски и го замоли наместо рецензија на истражувањето, да испрати вистински демант.

„Во однос на вашите останати тврдења кои не се темелат на факти, туку на вашата проценка што треба еден новинар да работи – што за нас претставува притисок врз работата од страна висок функционер од правосудството, сакаме да ви укажеме дека овој филм не се однесува на сите ваши 500 предмети. Туку само на оние 39 предмети од извештајот од надзорот, од којшто во четири се посочуваат можни кривични дела. Овие четири случаи се ваши случаи. Тоа е и она за што се расправа во овој истражувачки документарен филм е вашите ставови се во целост вклучениво целост објавите согласно врвните професионалните и етички стандарди.“, пишува во одговорот на ИРЛ до Цветановски.

Проектната страница со сите документи и клучните наоди може да ја најдете на https://irl.mk/cenata-na-pravdata/ .

Во продолжение можете да го погледнете целиот истражувачки документарен филм: https://youtu.be/GQrjjRn5kVY?si=m6Lz3UqNrEYivO

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни